Минатата година не ја преживеале 6.857 компании, покажуваат податоците на БизнисМрежа.мк, со ажурирање до 17.1.2023 година. Ако се споредат овие податоци со 2021 година, тоа е речиси иста бројка. Во 2021 година згаснале 6.993 компании.

Ако се сумира 2022 година, и таа беше тешка за стопанствениците. Ги снема карантините од пандемијата, но светот влезе во голема економска криза, предизвикана од висока инфлација и од недостиг на енергенти, како последица на руско-украинската војна.  Во 2021 година, по исклучително тешката 2020 година, Македонија оствари економски раст од 4 проценти и тоа беше најмал раст во регионот. За 2022 година, Државниот завод за статистика сѐ уште нема податоци за раст на

БДП, но објавените податоци покажуваат дека во првиот квартал од 2022 година, во однос на првиот квартал од 2021 година, сме имале раст од 2,4 проценти, во вториот квартал раст од 2,8 проценти, а во третиот квартал раст од 2 проценти.

Државниот завод за статистика во анкетата за деловните тенденции, што ја направи со раководителите од преработувачката индустрија, информираше дека „оценката за економската состојба на деловните субјекти во декември 2022 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а и во однос на декември 2021 година. Се очекува бројот на вработените да се намали“.

Последица на ваков економски амбиент е продолжување на истиот тренд од 2021 година за затворање компании, односно се урнаа очекувањата во пресрет на минатата година за подобра деловна клима, што ќе значеше и поголемо преживување на компаниите.

ГОДИНА ЗАТВОРЕНИ ФИРМИ
2022 6.867
2021 6.993

 

Порталот Пари направи анализа и за видот на затворени фирми, каде најмногу се затворале – во кои дејности и во кои градови.

ВО ПЕТ СЕКТОРИ 70 ОТСТО ОД ЗАТВОРАЊАТА

Веќе подолго време најдинамични промени се случуваат во трговијата. Таму, вообичаено, најмногу промени има и во однос на отворањето и во однос на затворањето на компании. Во 2022 година се затвориле вкупно 2.134 трговски фирми.

На второ место по затворање се компаниите од преработувачката индустрија. Во 2022 година не преживеале 882 фирми од овој сектор.

Со 667 затворени фирми, угостителскиот сектор е трет по ред во кој најмногу фирми ја загубиле бизнис-битката.

Разни услужни дејности, исто така ставале клуч на врата. Минатата година овој сектор загубил 624 фирми и е четврти секторски губитник на компании.

На петто неславно место е градежништвото. Таму се затвориле 506 фирми.

Во овие 5 сектори, всушност, се затвориле вкупно 4.813 фирми, што е речиси 70 отсто од вкупниот број на затворени фирми во 2022 година.

ТОП 5 дејности по затворени фирми во 2022 година

ДЕЈНОСТ ЗГАСНАТИ ФИРМИ ВО 2022 ГОДИНА
ТРГОВИЈА НА ГОЛЕМО И ТРГОВИЈА НА МАЛО; ПОПРАВКА НА МОТОРНИ ВОЗИЛА И МОТОЦИКЛИ 2.134
ПРЕРАБОТУВАЧКА ИНДУСТРИЈА 882
ОБЈЕКТИ ЗА СМЕСТУВАЊЕ И СЕРВИСНИ ДЕЈНОСТИ СО ХРАНА   677
ДРУГИ УСЛУЖНИ ДЕЈНОСТИ 624
ГРАДЕЖНИШТВО 506

 

КЛУЧ СТАВИЛЕ И 5 ГОЛЕМИ КОМПАНИИ

Според големината, најголем дел од затворените компании се микрофирми – се затвориле 6.289, или 91,7 отсто од сите затворени фирми.

Но, меѓу затворените компании има и 5 големи фирми. Според Законот за трговски друштва, тоа се компании кои имаат над 250 вработени и имаат годишен приход од над 10 милиони евра.

Затворени и се 3 средни претпријатија. Според Законот за трговски друштва, тоа се компании кои имаат до 250 вработени и имаат годишен приход до 10 милиони евра.

Згаснати компании (по големина)

01.01.2022 ‒ 31.12.2022

ГОЛЕМИНА НА КОМПАНИИТЕ ЗГАСНАТИ КОМПАНИИ
Голема 5
Мала 554
Средна 6
Микро 6289
Непознато 3
ВКУПНО    6.857

 

ВО КОИ ГРАДОВИ ИМАЛО НАЈМНОГУ ЗГАСНУВАЊЕ НА ФИРМИ?

Во 5 градови се затвориле 3.740 фирми. Тоа е 54,5 отсто од сите згаснати фирми во државава.

Најмногу фирми, очекувано, се затворени во Скопје, и нивниот број е 2.299.

На второ место е Битола, каде клуч на врата ставиле 411 компании, па Тетово со 385 затворени фирми, Куманово со 340, и Гостивар со 305 затворени фирми.

ТОП 5 градови по затворени фирми во 2022 година

ГРАД ЗГАСНАТИ ФИРМИ ВО 2022 ГОДИНА
Скопје 2299
Битола 411
Тетово 385
Куманово 340
Гостивар 305

 

ДИНАМИКА НА ЗАТВОРАЊЕ ФИРМИ

Што се однесува до месеците, како и секогаш, со бришењето на неактивните субјекти, според закон од Централниот регистар, најмногу компании згаснале во февруари, односно тогаш се затвориле 3.321 фирма.

Згаснати компании (по месеци)

01.01.2022 ‒ 31.12.2022

МЕСЕЦ ЗГАСНАТИ КОМПАНИИ
Јануари 254
Февруари 3321
Март 345
Април 328
Мај 320
Јуни  305
Јули 292
Август 259
Септември 267
Октомври 339
Ноември 368
Декември 459
ВКУПНО 6.857

 

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/lani-se-zatvorile-6857-firmi-najkritichno-vo-trgovijata/