Министерството за финансии информира дека во Буџетот лани е остварена реализација на вкупните приходи за 15,3% повеќе во споредба со претходната 2020 година, додека кај капиталните расходи е забележан раст на реализацијата од 45,2% во однос со 2020 година. Натфрлање на планираното е забележано кај приходите од даноци и придонеси за 2%, додека дефицитот е реализиран во износ од 38,8 милијарди денари или 5,4% од БДП што е понизок од проектираниот за 2021 година од 6,5% од БДП.

„Испративме година која ја завршивме со позитивни движења во економијата иако сѐ уште беше присутно влијанието од кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19, притисокот врз цените на светските берзи што се чувствуваше и во нашата економија,  како и енергетската криза. Мерките и севкупните политики што ги спроведовме придонесоа 2021 година да ја завршиме со економски раст од 4,1% кој е во согласност со проекцијата за растот на БДП и можност тој и да се надмине. Економијата во првите девет месеци од 2021 година достигна раст од 4,6%. Индустриското производство во ноември забележа раст од 4,7%, извозот во периодот јануaри-октомври има раст од 22,8%, финалната потрошувачка раст од 4,5%, бруто-инвестициите забележаа реален раст од 3,4% во првите девет месеци, невработеноста падна на историски најниско ниво од 15,7%, додека просечната нето плата исплатена во октомври забележа раст од 4,5% во однос на октомври претходната година“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

Според него, во 2021 година имаме натфрлување во реализација на даночните приходи и придонесите  кои заклучно со 31 декември достигнаа ниво од 102% од планираното со ребалансот во јуни 2021 година, кога истите беа ревидирани нагоре во однос на почетниот Буџет, и тоа за 5% даночните приходи, а за 1,3% придонесите.

Приходите од даноци и придонеси во 2021 година имаат реализација од 196.309 милиони денари, кои во споредба со 2020 година имаат зголемување од 13,2 %. Кај даночните приходи најголемо  натфрлување има кај ДДВ од 7,3% или остварена е реализација на ниво од 107,3 %, односно по овој основ во буџетот се слеани 58.194 милиони денари. Од персонален данок на доход слеани се 20.552 милиони денари и реализиран е со 98,86 % од планираното. Кај ДДВ има 24,1 % повеќе остварени средства во однос на 2020 година, додека кај персоналниот данок на доход има раст од 10,3 %.

Вкупните расходи се реализирани на ниво од 257.353 милиони денари или 95,87 % од планираното и бележат раст од 5,7 % во споредба со 2020 година. При тоа кај капиталните инвестиции во 2021 година се бележи повисока реализација за 45,2%  споредено со тој период претходната година. Односно во 2021 година реализацијата на капиталните инвестиции е на ниво од 23,4 милијарди денари  што претставува реализација на 79 % во однос на планираните средства.  Значајно е дека реализираните инвестиции во 2021 година се на највисоко ниво во апсолутен износ. Капиталните расходи во оваа година се проектирани на износ од 38,2 милијарди денари и се за 28,3 % повеќе во споредба со 2021 година. Предвидени се крупни јавни инвестициски зафати во областите на патната и железничката инфраструктура, дигитализацијата, енергетиката, како и зелениот развој. Меѓу позначајните проекти се изградбата на автопатот на Коридорот 8, изградба и рехабилитација на железничката инфраструктура од коридорите 8 и 10, гасоводна инфраструктура на магистралните делници Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес, како и интерконективен гасовод со Република Грција и други.

Во 2022 година останува посветеноста на грижата за заштита на здравјето на граѓаните, економското заздравување и забрзување на растот и зголемување на инвестициите при истовремена фискална консолидација, непречено финансирање на основните функции на државата, како и поддршка на реформските процеси во правосудството и евроатлантските интеграции.

„Сите политики во оваа година ќе бидат насочени кон постигнување на стапка на БДП која ќе го надмине нивото од пред ковид-кризата, односно растот на БДП е проектиран на ниво од 4,6%, воден од порастот на бруто-инвестициите од 8,5%, зголемена извозна активност од 8,1%, зголемена потрошувачка и вработеност со по 3,1%, што ќе доведе до целосно заздравување на економијата и започнување период на забрзан раст од над 5% годишно“, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.