• Реакција на Политичката партија Левица

Милиони евра што граѓаните ги плаќаат за еколошки такси завршуваат во главниот државен буџет и се трошат за бизнис-интересите на поединци од СДС и ДУИ. Иако во Македонија постојат 27 еколошки такси, Министерството за животна средина добива само минимален износ, кои се недоволни да се задоволат неговите основни потреби.

Имено, парите од Надоместокот за заштита на животната средина при сеча на дрва не завршуваат во МЖСПП за заштита на дрвна маса, туку влегуваат во централниот буџет, од каде се префрлаат до ЈП „Македонски шуми”, кои промовираат масовни голи сечи и крајно нереални високи цени на дрвната маса, при што дел од неа завршува во сопствени складови и во соседните земји.

Слично е и со надоместоците за паркирање и посета на националните паркови и заштитени подрачја, каде за автомобил или комбе граѓаните и туристите плаќаат по 50 и 80 денари. Парите наместо да одат за чување, одржување и развој на националните паркови, одат во централниот буџет, од каде корумпираната владејачка елита во спрега со сомнителни бизнисмени ги користат за градење серија објекти во националниот парк Маврово.

Еден од ретките надоместоци што се влеваат во МЖСПП е надоместокот за биоразградливи кеси, за што има и отворено посебна сметка. До крајот на 2022 година, во овој фонд се слеале над 1 милион евра, за коишто сѐ уште не е познато дали се распределени во МЖСПП.

Левица бара итно формирање на најавениот Фонд за животна средина, каде ќе се слеваат парите од сите 27 надоместоци и коишто ќе се употребуваат строго наменски, што впрочем беше ветување токму на социјал-демократите. Иако, токму партијата на Ковачевски го укина овој Фонд во 2005 година, кој беше воведен во 1995 година.

Корумпираната влада на СДС и ДУИ, водена од бизнис-интересите на поединци, сѐ уште калкулира и манипулира сo формирањето на еколошкиот фонд, додека цената за енормната загаденост ја плаќаат обичните граѓани.