Сѐ погласно се најавува и шпекулира промената на пензискиот систем, а како можни акции и мерки за промена на катастрофалната состојба, се споменуваат зголемување на старостната граница како и укинувањето на вториот пензиски столб (приватните пензиски фондови). Ова не е решение кое на нашиот народ ќе му вети подобро утре.
Пред 20 години, државата беше доведена во ситуација да направи коруптивна приватизација и пензиските придонеси да завршат по приватни фондови. Тие пак, купуваа хартии од вредност, со кои владата го покриваше дефицитот, и остваруваа профит од каматите од државата. Анализите потврдуваат дека две третини од профитот на фондовите доаѓаат од државни пари, со што се потврдува тезата дека е направена коруптивна шема со која фондовите генерираат огромни профити на грбот на придонесите од народот.
Со укинувањето на вториот пензиски столб се создава терен за преземање на средствата од овој пензиски столб од страна на владата. Станува збор за околу три милиарди евра, народни пари, со кои владата сака да го намали дефицитот и да се отвори можност за повеќе трошења на народни пари. Со ова имаат намера да ја покријат својата некомпетентност и незнање во поглед на менаџирањето со народните пари. Ова не е конкретно решение и ова нема да ги реши буџетските проблеми со кои се соочува нашата држава.
Ние имаме и држава пример која го има направено ова. Во 2011 година Унгарија, за време на владеењето на Виктор Орбан, ја спроведе оваа реформа, сѐ со цел да се ослободат повеќе пари со кои може да менаџира и да се расфрла тогашната унгарска влада. Иако привремено реши некои буџетски ставки и точки, не создаде систем со кој понатаму може да се развива државата, туку буџетските проблеми повторно се појавија на долгорочен план. Затоа овој пример треба да ни биде емпириски доказ дека акциите кои сака владата на ДПМНЕ да ги направи не се решение што нам би ни донело стабилност во пензискиот систем.
Како решение, сама се наметнува национализацијата на вториот пензиски столб со што средствата треба да останат во фонд кој ќе биде јавно управуван, налик на некое јавно претпријатие, без мешање на приватни фондови. Овие пари, исто така, треба да се инвестираат во хартии од вредност надвор од државата за да можат да се обезбедат и генерираат поголеми приходи за овој фонд и не смеат да бидат ставка со која владата ќе управува и ќе се „вади” кога нема доволно пари во буџетот. Не смееме нашата иднина да ја оставиме на милост и немилост на управување на било која влада. Моменталната практика на инвестирање само во домашни државни обврзници мора да се смени со цел подобрување на ситуацијата со пензиските фондови.
Пензискиот систем е еден во серијата докази кои ги имаме на секојдневно ниво каде сѐ поочигледна станува некомпетентноста, некадарноста како и коруптивните шеми на моменталната владеачка гарнитура, која само се збогатува, додека работникот кој цел живот се труди да допринесе за себе и својата држава го оставаат да тоне во инфлацијата и високите цени кои истата таа владеачка гарнитура ги креира.