Осеќам блискост со либертаријанските идеи. Сепак имам проблеми со нивното божество. Поточно, со либертаријанците што воедно се идентификуваат и како објективисти.

Ајн Ранд. Креаторка на таканареченото објективистично движење. Гледам дека името проциркулира и кај нас меѓу нашите тaканаречени либертаријански кругови. Ајн Ранд е авторка на една налудничава книга – Потиснатиот Атлас (Atlas Shrugged). Ова книга ти е небаре Светото Писмо на објективистичката религија.

За што станува збор во Потиснатиот Атлас? Па тоа да ти е плач на кутрите капиталисти-Супермени потиснати од една огромна маса на неработни луѓе што само сакаат да им го земаат тешко стекнатото благо.

Знаеш каде почнува мојот проблем со Ранд?

Алан Гринспан (Alan Greenspan). Бивш претседател на Федералните Резерви во САД. Оној што е одговорен за редица на финансиски меури, дотком меурот во 2000-тите, меурот со недвижнини во 2007 година. Оној којшто лансира цел еден бизнис модел на база на иницирање меури во економијата радишто беше формиран и терминот The Greenspan Put.

Како можат Македонските недопечени припадници на движење што традиционално е против било каква форма на влада, да бидат удобни со карактер што си се обвитка себеси во кулисите на најголемата Владина институција во САД, што директно се бави со интервенција врз слободните пазари е над мене. Истиот карактер што ги обвини Федералните Резерви за големата депресија во 1930 година за да после тоа си се вработи во истата таа владина институција.

Што да додадам за самата книга? Заштеди си време и самопочит и избегнувај да ја читаш. Внатре ќе најдеш пасуси од типот

[преведено]: Рационалноста е признавањето на фактот дека постоењето постои.

Мхм, права космичка мудрост, нели? Не можеш да одолееш да не свртиш следна страна. Позната ти е реченицата од некаде? Секако, бидејќи Зоран Витанов, еден популарен недопечен “либертаријанец” кај нас често се фура со неа.

А што да додадам за “божицата” Ајн Ранд?

Треба да страдаш од посебен синдром на клошарство за да посветиш 75 страни на темата сопствен интерес (self-interest). Уствари треба да бидеш посебен тип на клошар за да го присилиш твојот читател да чита 75 страни текст на било која една тема. Овде е и тактиката на Ранд – на нешто бесмислено да му се даде привидна длабочина преку вербална повраќаница, поплава од бесмислени литературни кованици.

На пример:

Man, at his highest potentiality, is realized and fulfilled within each creator himself. Whether the creator is alone, or finds only a handful of others like him, or is among the majority of mankind, is of no importance or consequence whatever; numbers have nothing to do with it. He alone or he and a few others like him are mankind, in the proper sense of being the proof of what man actually is, man at his best, the essential man, man at his highest possibility.

(преведи си го ова сам, мене ме мрзи блувотини да преведувам)

Рандијанците го фураат концептот на објективна стварност – фактите се факти, твоите желби и стојалишта не им можат ништо на фактите. Ним некако не им паѓа на ум дека фактите изгледаат различно од различни гледишта.

Ранд вели дека донациите, милостината се неморални. Ранд вели дека една земја треба да има армија и полиција, но истовремено Ранд е против било какви даноци. Од каде тогаш ќе се плати таа војска и полиција, Ранд не ни кажува. Ранд се залага за тотално задоволување на потребите преку приватниот пазар наместо консумирање услуги од влада. Ранд вели дека е логично и прифатливо за богатиот либертаријанец да си купи приватни телохранители за себе и својот луксузен имот како заштита против лоши комунисти и крадци. Ранд не кажува како останатите ние да си купиме приватна заштита против инсајдерско тргување и против финансиски меури.

Тука е суштината на либертаријанството на Ранд – светот е црно бел, свет на чиста комерција и индивидуализам, каде посилниот го јаде послабиот, фантастичен Дарвинов свет, што живее во некој надреален агол во нејзиниот ум.

Да се дефинира Ранд како напафкана, изгубена во просторот особа, е дури и комплимент. Ранд има пребегано од тиранијата на Советскиот режим и Ленинизмот и има пристигнато во Америка, во слободната Америка, во Америка на слободниот избор. Во еден период се залубува во еден млад психолог кој покасно решава (објективно) да ја напушти за помлада и позгодна жена.

Што прави Ранд? Му се одмаздува, со тоа што го екскомуницира лицето од нивното здружение (Колективот). И гледај ја ти тука иронијата, пребеглица од тирански режим што екскомуницира неистомисленици, се служи со истата таква алатка на екскомуникација против член на нејзината група што не и одел по ќефот. Пребега Ајн Ранд од Советска Русија, но дали Советска-Русија има пребегано од неа?

Како ли стигнаа нашите либертаријанци да се повикуваат на психопатка на која секој акт му противречи на претходниот, не ми е јасно. Но откако ќе ми стекне дека псевдо-интелектуализмот е стара болест кај нас, нештата стануваат појасни.

 

Пишува: Блаже Аризанов