Над 20 организации, кои после 17 години работа со ЛИД популацијата или лицата кои инјектираат дроги, сексуални работници, ЛГБТ заедницата и други лица со ризично однесување, ќе згаснат поради немање на финансии, а со тоа ќе се мултиплицира опасноста од зараза со ХИВ, СИДА, хепатит Б и Ц, маларија и туберколоза.

-Успевавме Македонија да ја ставиме на картата со најниска инфекција и новозаразени со ХИВ, што е огромен успех, изјави Дејан Ампев, Координатор на програмата за намалување на штети од употреба на дроги и крвно-сексуално преносливи инфекции – Младински клуб – Штип.

Нискиот степен на инфекција со ХИВ не е случаен, туку резултат на макотрпна теренска работа.

-Луѓе кои работат со целна популација одат на терен и вршат рана детекција на овие крвно-сексуални преносливи болести. Мислете ли дека едно лице кое инјектира дроги или еден сексуален работник сам ќе се пријави во болница да направи тест?, прашува Ампев.

Згаснувањето на овие организации ќе има погубни последици, предупредува Ампев, посебно за градовите во внатрешноста.

-Луѓето со ризично однесување ќе завршат пред вратите на институциите, а мислам дека институциите и градските власти на градовите не се свесни каков проблем ги чека, ако згасне ваквиот вид на третмани, додаде Ампев.

До пред 6 години, Младински клуб и нему сличните се финансираа од глобалниот фонд на СЗО, чија цел е до 2025-та година целосно да се искорени болеста. Но откако тие се повлекоа, Владата и покрај потпишана декларација дека борбата со вирусните заболувања ќе ја продолжи, средствата за оваа намена ги редуцира на помалку од ¼.

-Минатата година финансиите ни ги скратија на пола, оваа година повторно на половина, стапката на инфлација е зголемена, така што со средствата што сега се определени нема да можеме да набавиме медицински материјал за да поделиме помеѓу популацијата, а во никој случај да платиме нешто друго, изјави Ампев.

Колку е сериозен овој проблем се огледа и во фактот што само во Штип има над 300 корисници на ЛИД програмата, а канцеларијата веќе трет месец работи на волонтерска основа.