Над 6 милиони евра им стојат на располагање на општините преку програмата за локални улици и патишта на Министерството за транспорт и врски. За да ги реализираат, локалните самоуправи треба да подготват издржани проекти.

– Очекувам општините да аплицираат, за да централната власт влезе во реализација со финансиска поддршка и да се реализираат овие проекти за граѓаните. Остануваат и проектите во делот на водовод и канализација. Очекувам општините да бидат активни и да си ги реализираат своите проекти преку финансиите кои им се ставени на располагање од страна на централната власт, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Конкретно за општина Штип во 2023-та година ќе бидат издвоени дополнителни средства за изградба на брана на река Отиња. Од почетокот на градежните активности до сега, според Бочварски, завршени се 40 % од градежните работи.

– Ќе имаме средства за продолжување на реализацијата на овој капитален проект од преку 120 милиони денари, со што очекувам градежната оператива на терен да продолжи со силно темпо и да ги реализира овие средства, додаде Бочварски.

Изградбата на браната започна во 2021-ва година, со вкупна проценета вредност на проектот од 306 милиони денари. Крајниот рок за реализација е почетокот на идната година.