Лондон и Сингапур денеска потпишаа договор за слободна трговија во време кога се помалку се надеваат на компромис меѓу Велика Британија и Европската унија по Брегзит.

Договорот го потпишаа во Сингапур министрите за трговија на двете земји и ќе опфаќа трговија во вредност од 22 милијарди долари годишно. Договорот треба да обезбеди значителна поддршка на Велика Британија во Азија, додека земјата преговара за односите со ЕУ по напуштањето на Унијата.

Лондон го потпиша првиот голем билатерален трговски договор по Брегзит во октомври со Јапонија. Но, договорот со Сингапур е прв со земја членка на АСЕАН, Здружението на нации од Југоисточна Азија, кое брои 10 члена и околу 650 милиони жители.

Договорот за слободна трговија меѓу Велика Британија и Сингапур е направен според постојниот договор меѓу Европската унија и Сингапур.

Предвидува укинување на царинските давачки, отвора реципрочен пристап до пазарите на услуги и ги намалува царинските бариери за електронска стока, возила и резервни делови, фармацевтски производи и медицински помагала, како и за производство на обновлива енергија.

Царинските давачки се очекува да бидат укинати во 2024 година, како што е предвидено во договорот ЕУ-Сингапур.

Британскиот премиер Борис Џонсон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дадоа рок до недела да донесат одлука за одложување на преговорите по Брегзит.