„Околу 500 компании кои добиле државна помош за исплата на вработените, не ги исплатиле своите работници“, изјави министерката Сања Лукаревска за емисијата „Економски магазин“.

„До крајот на јануари имаме дополнително време да видиме дали ќе се изврши плаќањето за потоа да се извести јавноста. Оние компании кои злоупотребиле за месеците април, мај и јуни, не можат повторно да аплицираат за оваа државна помош затоа што системот автоматски ги одбива“, рече Лукаревска.

Според неа, станува збор за главно мали фирми со 1 до 5 вработени.

„Казните во вакви случаи се движат од 1.000 до 10.000 евра. Од друга страна, тие сметаат дека нема да правиме контроли. Не можам да кажам дека казните се мали затоа што станува збор за помали прекршоци кои се движат од 1000 до 10 000 за компании, плус казни што ќе ги изрече Државниот инспекторат за труд, плус кривична одговорност на која ќе инсистираме“, рече Лукаревска.