За „храна и безалкохолни пијалоци“ домаќинствата во земјава потрошиле 43,1 процент, за „станарина, вода, електрична енергија, гас и други горива“ – 10,8 проценти и за „сообраќај“ – шест проценти, од вкупно употребените средства во 2019 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Околу 13 проценти од вкупните трошоци на домаќинствата во ЕУ во 2019 година биле за „храна и безалкохолни пијалоци“, што е трета најголема ставка по „домување и режиски трошоци“ – 23,5 проценти и „танспорт “ – 13,1 проценти, покажуваат податоците на Евростат.

Во земјите од регионот најмногу за „храна и безалкохолни пијалоци“ потрошиле жителите на Босна и Херцеговина – 28,8 проценти од вкупните трошоци на домаќинствата. Потоа следат Црна Гора – 24,5 отсто, Србија – 23,6 проценти, Бугарија – 18,4 отсто, Хрватска – 18,3 проценти и Грција – 15,5 отсто.

Во ЕУ најмногу за „храна и безалкохолни пијалоци“ одвојувале домаќинствата во Романија – над една четврина или 26 проценти од вкупните трошоци, по што следат домаќинствата во Литванија – 20,2 отсто и Естонија – 19,3 проценти.

За споредба, домаќинствата во Ирска (8,6 отсто), Луксембург (8,9 проценти) и Австрија (9,7 отсто) – одвоиле под десет проценти од вкупните трошоци за храна и безалкохолни пијалоци.