Германија ќе ја преполови квотата за работници од Западен Балкан – од 50.000 на 25.000 дозволи годишно. Агенциите предупредуваат дека предност ќе има домашната работна сила, а за македонските работници конкуренцијата ќе биде многу поголема, потешко добивање дозволи за работа, подолги рокови за чекање и помали шанси за влез на германскиот пазар на трудот. Особено ќе бидат погодени лицата без квалификации и работно искуство, бидејќи новите политики се насочени кон привлекување стручен кадар.

Германија планира повторно да ја намали квотата за вработување работници од земјите од Западен Балкан, со што директно ќе бидат погодени и македонските граѓани што бараат работа преку оваа програма во најголемата европска економија. Според плановите на новата германска Влада, бројот на дозволи за работа преку таканаречената западнобалканска регулатива ќе се намали од сегашните 50.000 на 25.000 годишно, односно ќе се врати на нивото што важеше до јуни 2024 година.

– Намалувањето на квотите е директна последица на економската состојба во Германија. Германската економија веќе подолг период забавува, а во такви услови тешко е да се планираат потребите за работна сила во одделни сектори. Бројот на компании што престануваат со работа е во пораст – дневно се затвораат повеќе од 700 фирми, што значи дека сè повеќе луѓе остануваат без работа. Особено е тешка состојбата во автомобилската индустрија, каде што беа укинати повеќе од 30.000 работни места. Во такви услови е логично германските власти да го ограничат увозот на странска работна сила и да им дадат предност на домашните работници што останале без работа – изјави за весникот ВЕЧЕР Зоран Кочоски, сопственик на агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“.

Тој додава дека германските институции веќе спроведуваат програми за преквалификација на невработените, со цел да се насочи домашната работна сила кон дефицитарните занимања и да се намали потребата од увоз на работници.

– И покрај ваквите мерки, Германија и натаму има недостиг од возачи на товарни возила, градежни работници, занаетчии, водоводџии, инсталатери на системи за греење и климатизација, како и медицински персонал – лекари и медицински сестри. Но, сега ќе се обидат да покријат дел од овие потреби со домашни работници преку преквалификација, што значително ќе ги намали шансите за македонските работници, кои со години заминуваа во Германија преку западнобалканската регулатива – вели Кочоски.

Според него, Германија и понатаму има потреба од голем број работници, но таа потреба е значително помала отколку во претходните години.

– Досега се проценуваше дека на германскиот пазар му недостигаат околу 400.000 работници годишно, а сега тие потреби се сведени на околу 250.000. Тоа покажува дека и натаму постои побарувачка, но веќе не е на нивото од претходно. Дополнителен проблем е што голем дел од работниците од Македонија што заминуваа во Германија беа неквалификувани или со пониско ниво на квалификации, додека денес најбарани се лицата со стручно образование, сертификати и со работно искуство. Затоа можностите за вработување нема целосно да исчезнат, но ќе бидат значително помали, а конкуренцијата многу поголема – нагласува Кочоски.

Западнобалканската регулатива им овозможува на државјаните на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и на Србија да се вработат во Германија доколку имаат понуда за работа и согласност од Сојузната агенција за вработување. Со години ова беше една од најкористените можности за легално вработување работници од регионот, особено на лица без формално призната стручна квалификација.

Намалувањето на квотата е предвидено во коалицискиот договор на CDU/CSU и SPD, како дел од политиката за построга контрола на трудовата миграција. Германската Влада ја образложува мерката со зголемената невработеност и со потребата домашната работна сила да добие предност при вработувањето.

Сепак, одлуката доаѓа во време кога германската економија и понатаму се соочува со недостиг од работници во повеќе дејности, меѓу кои градежништвото, транспортот, угостителството, здравството и услужниот сектор. Поради тоа, германските работодавци предупредуваат дека намалувањето на квотите може дополнително да го продлабочи недостигот од кадар и бараат системот да остане пофлексибилен.

За македонските граѓани тоа ќе значи поголема конкуренција за добивање работна дозвола, подолги рокови за чекање и помали шанси за влез на германскиот пазар на труд. Особено ќе бидат погодени лицата без квалификации и работно искуство, бидејќи новите политики се насочени кон привлекување стручен кадар.