Во Македонија денеска ќе биде официјално основана Кинеско-македонската стопанска комора, настан кој има за цел да ја продлабочи економската соработка и да ја поттикне трговската размена меѓу Македонија и Народна Република Кина.
Според најавите на организаторите, на свеченоста ќе се обратат претседателот на Кинеско-македонската стопанска комора, Жаолонг Шао, како и заменик-претседателот на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски.
Свое обраќање ќе има и економскиот и трговски советник во Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија, Хе Бингхуа.
По официјалниот дел ќе се одржи панел-дискусија на тема „Зајакнување на економската соработка и трговската размена меѓу Кина и Македонија: можности, предизвици и идни перспективи“, на која ќе се разговара за потенцијалите за нови инвестиции, унапредување на деловните врски и идните можности за соработка меѓу двете земји.