Светската метеоролошка организација минатата година објави опсежно истражување под наслов Атлас на смртност и загуби во економијата од непогоди предизвикани од времето, климата и водите.Според овие податоци, помеѓу 1970 и 2019 година, во светот имало повеќе од 11 илјади непогоди поврзани со времето, климата и водите, со нешто повеќе од два милиони смртни случаи и материјални загуби во износ од 3,6 трилиони долари.

Автор: Катерина Спасовска – Трпковска од Порта3

И нашата држава не е поштедена од последиците од екстремните временски услови. Сите се сеќаваме на екстремните врнежи и на поплавата во Скопската Котлина во 2016 година, кога покрај огромна материјална штета, беа загубени повеќе од 20-тина човечки животи.

Во последните години, сè почесто сме изложени на интензивни и долготрајни топлотни бранови во летниот дел од годината, кога и максималните и минималните температури достигнуваат рекордни вредности, особено во урбаните средини.

Од друга страна, недостатокот на врнежи ги иницира сушните услови и предизвикува огромна штета не само на земјоделскиот, туку и на енергетскиот економски сектор. Токму заради сето ова, Светската метеоролошка организација оваа година Светскиот метеоролошки ден го посветува на важноста на навремените предупредувања. Овие навремени предупредувања треба да водат кон рана акција од страна на институциите кои работат на намалување на ризикот од катастрофи.

УХМР изработува прогнози и предупредувања во соработка со престижните светски и европски метеоцентри (како на пример Европскиот центар за среднорочна прогноза од Велика Британија), и ги доставува не само до јавноста, туку и до бројни институции за понатамошно постапување (ЦУК, Дирекција за заштита и спасување, министерства итн.).

Успешноста на ваквите прогнози и предупредувања се во директна зависност од прецизните и континуирани метеоролошки мерења во мрежата на метеоролошките станици, но уште повеќе зависат од современите далечински (сателитски и радарски) информации.

Токму затоа, УХМР во 2018 година изврши значителна надградба и осовременување на постоечките радарски системи.

Понатаму, со учество во Европската програма на Еуметнет – Метеоаларм, УХМР на едноставен начин известува за можни екстремни временски непогоди (во летниот период ги вклучуваше жолта/портокалова/црвена фаза во случаите на топлотните бранови, а Министерството за здравство преземаше понатамошни мерки и препораки за граѓаните).

Како регион кој е исклучително често погоден од олујно невреме, проследено со појава на град, УХМР не само што обезбедува навремени предупредувања, туку и учествува во експерименталната програма за заштита од град применувајќи најсовремена метода на авионско засејување на облаците.

Последно, но исто така многу значајно е што УХМР во соработка со Светската метеоролошка организација, интензивно работи на прашањето на климатските промени. Во оваа насока, УХМР досега има изработено климатски сценарија за нашата држава, кои може да дадат корисни информации за разни сектори во поглед на нивната адаптација кон идните услови.

Има ли национален систем за рано предупредување од природни катастрофи?

Што се однесува до природните катастрофи поврзани со времето, УХМР спроведува протоколи за најава согласно стандардите на СМО, но за да се зборува за сеопфатен национален систем за рано предупредување од природни катастрофи потребно е уште многу работа.

Во последниве години, УХМР учествува во Проект за целосно операционализирање на националниот систем за рано предупредување од природни катастрофи – МУЛТИХАЗАРД (South East Europe Multi Hazard Early Warning System (SEE-MHEWS), како дел од регионалниот систем на Југоисточна Европа, кој е пак дел од Глобалниот систем за предупредување од природни катастрофи на СМО.

Што велат досегашните мерења која година имало најмногу врнежи, а кои денови биле најтопли и најстудени. Што е она што сè повеќе го имаме, сонцето или студот? И што да очекуваме во иднина?

Честопати споменувана е поплавата во Скопје од 1962 година, а во август 2016 година интензивните врнежи го достигнаа својот максимум во Стајковци. Според податоците на 6 август 2016 регистрираниот рекорден интензитет е со веројатност за ваква појава еднаш во илјада години. (На Главната метеоролошката станица во Скопје на Зајчев Рид е забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи (од 17 до 22 h) 84,5 mm.

Апсолутниот рекорд на дневно количество на врнежи во Републиката изнесува 201 мм, забележан во јуни 2004 година во Гевгелија.

Според податоците на УХМР и сушата и долготрајните сушни периоди без врнежи не се непознати во нашата Република. Изразениот дефицит на врнежи во периодот 1984 – 1994 значително влијаеше на земјоделското производство и на водостојот во акумулациите и природните езера.

Повеќегодишната анализа на временските и просторните карактеристики на сушите, потврдува дека Северна Македонија е под сериозен ризик. Од вкупниот број на анализирани години (околу 70), скоро во 30 отсто од годините е забележана појава на суша.

Појавата на екстремно високи летни и екстремно ниски зимски температури е зачестена појава особено во последните години и се блиски до рекордните, eкстремно максималната температура на воздухот 45,7 степени Целзиусови измерена во Демир Капија во јули 2007 година или до апсолутно најниската -31,5 измерена во Берово во јануари 1954 година.

Досегашните климатски сценарија укажуваат дека сосема сигурно ќе има постојано зголемување на температурата во периодот до 2100 година. Во споредба со периодот помеѓу 1961 и 1990, очекуваните промени во иднина ќе бидат најинтензивни во најтоплиот период од годината.

За периoдoт пoмеѓу 2025 и 2100 година се очекува пад во врнежите, во сите годишни времиња и на годишно ниво, а најголемо намалување ќе има во текот на летото.

Интензитетот на промените е најголем во најтоплиот дел од годината (во јули и август, можеби и воопшто нема да има врнежи), а во студениот период од годината се очекува намалување во врнежите од дури 40 отсто од просечните месечни количества.

Која стопанска гранка е најпогодена од климатските промени? Дали е тоа земјоделството, енергетскиот сектор, сточарството?

Во 2001 година се случи екстремна суша на целата територија на Републиката. Некои податоци покажуваат намалување на земјоделските производи во споредба со 1999 година.

Ефектот на сушата, исто така, влијаеше на намалување на културите во 2002 година, како резултат на задоцнувањето на есенското засејување (во Југоисточниот Регион намалување на полињата за 43 отсто).

Исто така, 2007 година почнала со неповолни хидролошки услови и се развила како година со јака и екстремна суша, особено во западниот дел на земјата. Во Пелагонискиот Регион, поради сушата биле под закана 8.500 хектари пченица, четири илјади хектари јачмен и 1.400 хектари ’рж. Загубите на пченица изнесувале 32 отсто. Валандовските плантажи (Вардарски Регион) биле загрозени од сушата, производството на цреши било намалено на половина во Источниот Регион, како и производството на пиперки во Југоисточниот Регион.

Се намалило нивото на водата во Преспанското и Охридското Езеро, а хидроцентралата Дебар-Шпилје го намалила производството на енергија за 14 отсто.

Сушата била индиректна причина за многу шумски пожари кои речиси секоја година уништуваат 3.200 хектари шума.

Колку метеоролошки станици има во Македонија и што покажуваат тие, кои делови од државата се најпогодени од високи температури и од намалување на врнежите?

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) врши климатски и агрометеоролошки набљудувања. Располагаме со постојан класичен систем на метеоролошки мерења и со автоматски метеоролошки станици.

Метеоролошките набљудувања се изведуваат на повеќе од 194 станици и тоа: 19 главни метеоролошки, 7 климатолошки, 24 фенолошки, 94 дождомерни станици и 65 автоматски метеоролошки станици (АМС).

Од особено значење е одржувањето и постојаното осовременување на националниот набљудувачки систем.

УХМР објавува хидролошки, метеоролошки, климатолошки и агрометеоролошки информации, дава анализа и прогноза на времето. Меѓутоа УХМР има и други сектори како што е Квалитет на води, каде се врши мониторинг и се испитува квалитетот. Може ли да ни кажете до какви податоци доаѓа УХМР во однос на квалитетот на водите во Македонија?

Мониторингот на површинските води од реките, како дел од мониторингот на животната средина е законски регулиран и служи за следење на процесите што се одвиваат во водите на овие површински водни тела, за да се постигне и одржи добар еколошки статус. Квалитетот на водите се мери на 20 мерни места, на реките Вардар, Треска, Пчиња, Крива Река, Лепенец, Елешка, Црна Река, Брегалница, Струмица, Радика и Црн Дрим.

Целта на мониторингот на површинските води е обезбедување информации за: биолошките, физичко-хемиските, морфолошките и еколошките карактеристики на водните тела; за поддршка и валидација на процедурите за проценка на влијанијата врз водните тела; за проценка на долгорочните измени на природните услови во водните екосистеми; за проценка на долгорочните измени на водните екосистеми кои потекнуваат од интензивните човекови активности; за дизајнирање ефикасни и ефектни мониторинг програми.

Квалитетот на водните тела според биолошките параметри, на годишно ниво се определува преку пресметување на EQR (Ecological Quality Ratio) со математички пресметки според средната годишна вредност добиена од вредностите на избраниот индекс, кој се смета за најрепрезентативeн за мониторингот на површинските води во државата, за секое мерно место засебно. Кај нас, за фитобентос, за најпогоден е избран индексот IPS – Indice de polutio sensibilité (Cemagref 1982), коj е еден од најчесто употребуваните индекси во мониторингот на површинските води во Европската Унија.

Колку државата ги задоволува барањата за инвестиции во осовременување на опремата? Колку вие како Управа барате, а колку добивате? Има ли разбирање дека инвестирањето во нова опрема нè спречува од идни катастрофи?

Ние секако продолжуваме по планот и програмата кои претходно се усогласени со Светската метеоролошка организација. Осовременувањето и модернизирањето на метеоролошката мрежа секако ќе продолжи. Јакнењето на капацитетите на Управата е значајно со што би се подобрило обезбедувањето информации за состојбата на климатскиот систем. Осовременувањето на метеоролошката мрежа се одвива тековно, како би се вршело постојан мониторинг на климата и на климатските промени во Македонија. Според досегашните залагања на Управата, а благодарејќи на медиумите -пишани и електронски, јавноста секогаш е навремено информирана за тековните и за идните состојби на времето и климата.

БИОГРАФИЈА

М-р Ивица Тодоровски е директор на Управата за хидрометеоролошки работи од 3.8.2017 година. Роден е во Скопје на 13.6.1973 година. Средно образование завршил во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, а додипломски и постдипломски студии завршил на Машинскиот факултет во Скопје. Долги години работи во ЈП „Македонија пат“ од кои 12 години како раководител на механизација. Како овластен инспектор за животна средина во Општина Бутел работи во наредните пет години. Од 2013 до 2017 година е член на Советот во Општина Ѓорче Петров.