Лошата политика, ниската откупна цена и несигурниот пазар ги оттурнаа младите од нивите и го оставија македонскиот аграр без иднина. Додека увозот на храна руши рекорди, домашното производство се намалува, а селата тивко исчезнуваат. Во нивите останаа старците, во шталите по неколку грла добиток, а младите иднината ја гледаат надвор од државата. Македонија троши стотици милиони евра за субвенции, но земјоделците велат дека системот, наместо да ги спаси, ги уништил. Така, земјоделците остануваат да работат со загуба, сточарите ги распродаваат стадата, а младите наместо мотика, избираат билет во еден правец.
Македонските села полека се празнат, а со нив исчезнува и земјоделството кое со децении наназад е основа за живот на многу семејства. Денес, во многу села има само обраснати ниви, затворени штали и куќи во кои веќе никој не живее. Најголемиот проблем веќе не е само ниската цена на производите или несигурниот пласман, туку тоа што има сè помалку луѓе што сакаат да останат и да работат. Во многу делови од државата, земјоделството се сведува на производство „колку за дома“. Постарите земјоделци велат дека младите одамна ја изгубиле вербата дека може достоинствено да се живее од оваа дејност, па наместо во нива, иднината ја бараат во странство. Но ова не е отсега, овој процес е резултат на лошата земјоделска политика години наназад. Поради тоа, Македонија е сега во длабока криза бидејќи во нивите нема земјоделци, во шталите нема добиток, а во државата нема млади.
Сликата најдобро се гледа на терен, каде што тракторите сè поретко се на нивите, најчесто стојат заглавени во калта пред селските куќи, а обработливите ниви со години остануваат необработени. Таму каде што некогаш се произведувало жито, тутун, зеленчук или сточна храна, денес расте трева. Нивите се тука, но нема луѓе за да ги работат. Оние земјоделци што останаа во селата одамна имаат над 60 години, но нивите им се наследени од прадедо, дедо, од татко и не сакаат да ги остават со трње.
– Реалноста во македонското земјоделство е сурова. Во нивите останал само понекој земјоделец, во големите штали има само по две-три крави, а желбата на младите да работат по нивите е одамна уништена. Ретки се селата каде што едвај има по 100 овци, затоа што ниските откупни цени го уништија сточарството. И не е само сточарството и градинарството, лозарството, овоштарството… Земјоделците се демотивирани поради тоа што се случува со откупот на земјоделските производи изминативе години. Тие ги продаваат производите под производствена цена, а откупувачите го собираат кајмакот. Сè додека владее оваа практика во земјоделството, младите нема да се вратат на нивите, изјави за весникот ВЕЧЕР земјоделскиот експерт и универзитетски професор, Илија Каров.
И откупните цени на млекото и месото остануваат ниски, а цените на сирењето, урдата, кашкавалот и сувомесните производи постојано растат. Порано, кога трошоците беа далеку пониски, откупната цена на млекото беше 37 денари, а сега, кога трошоците се зголемени, откупната цена е 22-24 денари, што е апсурдно, смета Каров.
Според статистиката, последните години се бележи намалување на бројот на овци и говеда, што дополнително го ослабува сточарството. Земјоделците предупредуваат дека празните штали не значат само помалку производство, туку и помалку живот во селата.
– Младите го гледаат ова и се прашуваат зашто да работат кога нема заработувачка во земјоделството? Ако порано важеше паролата нема леб без мотика, сега е обратно, леб има секаде само не во земјоделството. Младите го сфатија тоа и навреме избегаа од селата. Они малкумина што се останати по селата и работат по нивите, велат дека откако ќе ги продадат производите на пазар, не им остануваат доволно пари да се прехранат, а камоли за ново производство и за одржување на механизацијата, додава Каров.
Тој смета дека за да се крене уништеното македонско земјоделство треба да седнат на маса и земјоделците и научната фела и политичарите и да најдат соодветно решение. Само субвенциите не се решение на проблемите, ако немаш квалитетен производ и ако имаш ниска откупна цена, џабе ти се субвенции.
Земјоделците со години се жалат на високи трошоци, ниски откупни цени, несигурен пласман и доцнење на субвенциите. Многумина велат дека вложуваат повеќе отколку што заработуваат, па постепено се откажуваат од производството.
– Постои огромна разлика меѓу цените по кои земјоделците ги продаваат своите производи и цените што ги плаќаат граѓаните на крајот. Овој проблем со високите маржи и со нерамномерната распределба на заработката е присутен со години и сериозно ги погодува и производителите. Земјоделците вложуваат труд, време и средства, а на крајот, често остануваат со минимална заработка или работат со загуба, додека граѓаните се соочуваат со сè повисоки цени на основните производи. Потребни се конкретни мерки за регулирање на пазарот и поголема контрола врз откупните и продажните цени, со цел да се спречат ценовни шокови и злоупотреби, смета Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица.
Тони Максимов од Националната земјоделска мрежа смета дека клучен проблем во земјоделскиот сектор е недостигот на јасна и функционална регулатива, која ќе ги уреди односите меѓу производителите, откупувачите и трговците.
– Потребно е да се донесе посебен закон со кој ќе се утврдат производствените цени за секој земјоделски производ, на кои ќе се додаде фер заработка за земјоделците од околу 30 отсто, како и ограничена трговска маржа од околу 10 отсто. Само на тој начин може да се формираат реални и стабилни цени, кои ќе бидат фер и за производителите и за потрошувачите – вели Максимов.
Младите, наместо да наследат нива или стадо, купуваат билет во еден правец
Во последните пет години, сточниот фонд е преполовен. Стадата се намалуваат од ден на ден, а сточарите, поради недоволната државна помош, се принудени да ја продаваат стоката и да се откажуваат од дејноста. Овој тренд е резултат на повеќе наталожени проблеми што не се решаваат со години. Еден од клучните фактори е економската неисплатливост на овчарството. Откупните цени на јагнето и на млекото се ниски и често не ги покриваат ниту основните трошоци за производство. Во услови на поскапување на сточната храна, горивото и на ветеринарните услуги, сточарите се соочуваат со сериозни загуби. Наместо профит, тие често работат на границата на опстанок.
– Природните ресурси остануваат неискористени. Имаме убави планини и пасишта, а немаме овци. Покрај ниските откупни цени, сточарите се соочуваат и со дополнителни трошоци, како што е патарината, која се плаќа двапати годишно и изнесува вкупно 140 денари од стадо. Сточниот фонд се намалува со алармантна брзина – за само пет години е намален бројот на овци од 600 на 250 илјади. Главна причина за овој драстичен пад се намалувањето на државната поддршка и укинувањето на дел од субвенциите. Мерките што претходно ги поддржуваа сточарите, како субвенциите за оставено женско јагне и за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет, се укинати. Тоа создаде дополнителна несигурност и значително ја намали мотивацијата за продолжување со сточарството – вели за весникот ВЕЧЕР Насер Џемаили, претседател на Сојузот на одгледувачи на овци.
Според него, младите не гледаат иднина во оваа дејност, која е тешка, неизвесна и недоволно платена. Старите сточари, пак, без наследници, масовно ги распродаваат стадата. Со тоа се прекинува континуитетот на една традиција што со векови е дел од македонскиот идентитет.
Вели дека кога ќе се затвори шталата, не се губи само добитокот. Се губи целото домаќинство, секојдневната работа и причината младите да останат.
Токму тука се прекинува и генерацискиот циклус. Постарите веќе немаат сила да работат како порано, а младите не гледаат причина да ја продолжат семејната работа. Наместо да наследат нива или стадо, тие избираат билет во еден правец.
Експертите предупредуваат дека ова веќе не е само земјоделски туку и демографски проблем. Без луѓе во селата, државата губи домашно производство, работна сила и економска сигурност. А земја што сè повеќе зависи од увоз на храна, станува и поранлива на секоја економска или енергетска криза.
Увозот на храна се приближува до една милијарда евра годишно, а државата и понатаму троши огромни суми за субвенции без значителни резултати. Земјоделците се незадоволни, потрошувачите плаќаат високи цени, а институциите создаваат впечаток дека реформите постојат само на хартија. Проблемот не е кај земјоделците, туку во системот што со години не успева да создаде одржливо домашно производство.
Бројките го потврдуваат тоа. Од 2010 година наваму, државата потрошила повеќе од една милијарда евра за субвенции, а увозот на храна пораснал за околу 60 проценти. Само минатата година биле исплатени над 100 милиони евра субвенции, додека увозот достигнал речиси 900 милиони евра.
Парадоксот е очигледен – државата субвенционира производство, а истовремено увезува храна во рекордно количество. Тоа покажува дека проблемот не е во висината на средствата, туку во нефункционалниот систем и отсуството на јасна стратегија за развој на домашното земјоделство.
Во земјоделството има многу прашања кои со години остануваат без одговор. Земјоделците и експертите, барем оние што знаат каде бил македонскиот аграр, а каде се сега, се загрижени за опстанокот на производството. Бидејќи држава без земјоделци, без добиток, без млади и без живот во селата останува и држава без иднина.
