Во просториите на Македонска берза се одржа информативен настан „Македонска берза на хартии од вредност: Состојби, активности и иницијативи” на која присуствуваа финансиски консултанти кои се дел од Платформата за пристап до финансии 3.0 на Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст.

На настанот беа претставени тековните проекти и активности на Берзата, беше објаснета постапката за издавање на хартии од вредност преку приватна и јавна понуда и условите за котација на Берзата.

Воедно, Берзата го претстави и деловниот Клуб БУМ кој имa цел да помогне да се премости јазот помеѓу инвеститорите и компаниите – членки на Клубот, во нивните обиди за финансирање на сегашните или идни деловни идеи и проекти, со посебен акцент на процесот на небанкарско финансирање на бизнисите.

Настанот е дел од соработката на Македонската берза и Активноста на УСАИД во насока на зголемување на финансиската способност, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор,  истовремено земајќи ги предвид и факторите што влијаат врз животната средина и општественото опкружување при донесување на корпоративни одлуки.

Целта на оваа соработка е преку координација, градење на локални капацитети, искористување на постоечките и развој на нови финансиски инструменти да се одговори на потребите на приватниот сектор за раст и развој, како и барањата поврзани со заштита на животната средина, општествените прашања и управувањето. Овие заеднички активности ќе придонесат за обучување на консултанти и компании за целите, критериуми и индикатори што треба да се следат, мерат и анализираат при спроведување на ESG (Environmental, Social and Governance) стандардите.

Дополнително, преку соработката приватниот сектор ќе може детално да се запознае со основите правила, принципи и новостите во однос на тргувањето со хартиите од вредност издадени од акционерските друштва.