На берзата ќе можат да тргуваат сите учесници на пазарот на големо на електрична енергија, кои се регистрирани во регистарот на учесници на пазарот на електрична енергија, кој го води МЕМО ДООЕЛ – Скопје како оператор на пазарот – најави директорот на МЕМО ДООЕЛ – Скопје, Симон Шутиноски. Според него, конечно ќе добиеме референтна цена на струјата, која сега се пресметува според унгарската берза ХУПЕКС, која е поразлична од онаа цена која би била во Македонија
На 10 мај годинава со работа ќе започне Македонската берза на електрична енергија, која ќе биде имплементирана и водена од Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ – Скопје. На почетокот берзата на електрична енергија ќе се одвива во границите на земјава, сè додека не се реализира првиот маркет каплинг, односно првото спојување со некоја од соседните берзи.
– На берзата ќе можат да тргуваат сите учесници на пазарот на големо на електрична енергија, кои се регистрирани во регистарот на учесници на пазарот на електрична енергија, кој го води МЕМО ДООЕЛ – Скопје како оператор на пазарот – најави директорот на МЕМО ДООЕЛ – Скопје, Симон Шутиноски. Според него, конечно ќе добиеме референтна цена на струјата, која сега се пресметува според унгарската берза ХУПЕКС, која е поразлична од онаа цена која би била во Македонија.
-Можеби цената ќе биде иста, но потребите на пазарот во Унгарија и пазарот во Македонија се различни. Различни се времињата на побарувачка и на понуда – појасни Шутиноски пред неколку месеци. Договор со берзата, како што кажа, ќе треба да склучи секој трговец на берзата, а цената на електричната енергија ќе зависи од пазарот на тргување, односно од понудата и побарувачката.
-За почеток ќе се тргува со „ден однапред“, а се планира потоа да се оди со понуда и побарувачка за тековниот ден – објасни Шутиновски, најавувајќи дека како втор чекор ќе биде поврзувањето со берзите во соседството.
Официјалното заживување на проектот за домашна Берза на струја, почна со промената на Законот за енергетика во 2018 година, со кој беше формално целосно либерализиран пазарот на електрична енергија и законодавството беше прилагодено со третиот енергетски пакет на европското законодавство.
Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација (МЕА), ја поддржа иницијативата да се направи македонска берза на електрична енергија, но за да биде ликвидна, тој побара да се донесе одлука со која сите државни купувачи ќе треба да набавуваат струја од неа, а не од тендери и од билатерални договори.
Лани во декември операторите на преносните системи во Словенија и Србија ја започнаа првата регионална берза за електрична енергија за Централна и Југоисточна Европа со EПЕКС Спот. Договорот беше потпишан во Љубљана. AДЕКС е создаден со корпоративно спојување на словенечката енергетска берза БСП СаутПул и берзата за електрична енергија СЕЕПЕКС во Србија. Седиштето на новата компанија е во Љубљана, а главните постојани канцеларии се во главниот град на Словенија и во Белград. Ќе нуди хармонизирани и уникатни (едношалтерски) услуги за тргување со електрична енергија во Словенија и Србија, со амбиција да ги прошири своите операции и во други земји во регионите на Централна и Југоисточна Европа (ЦИЕ).