Пандемијата со Ковид-19 позитивно ги стимулира програмерите. Извозот на компјутерски услуги во 2019 година изнесувал 187,43 милиони евра, во 2020 г. изнесувал 214,86 милиони евра, а лани, пак, има драстичен скок на извозот од 295,19 милиони евра, што е пораст од околу 110 милиони евра за само две години. За да го задржи овој курс на пораст, на македонските ИТ-компании им е потребна квалификувана работна сила од редот на најмладите и најпрогресивните граѓани, а која реално им недостига во моментов

ИКТ-секторот во Македонија, во последнава деценија има експоненционален пораст, што е особено изразено во последните три години, а пандемијата со ковид-19 само го засили овој нагорен тренд. Тоа го потврдуваат статистичките бројки на Народната банка. Извозот на компјутерски услуги во 2019 година изнесувал 187,43 милиони евра, во 2020 г. изнесувал 214,86 милиони евра, а лани пак, има драстичен скок на извозот од 295,19 милиони евра, што е пораст од околу 110 милиони евра за само две години. Тоа се должи, како што сметаат експертите, на фактот што македонските ИКТ-компании се иновативни и професионални со високи стандарди на квалитет.

За да го задржи овој курс на пораст на македонските ИТ-компании им е потребна квалификувана работна сила од редот на најмладите и најпрогресивните граѓани, а која реално им недосига во моментов.

Со цел да помогнат во развојот на ИТ-заедницата во нашата земја, хрватскиот технолошки лидер „Инфинум“ отвори нова канцеларија во Скопје каде што планира да ја пренесе својата култура на повеќекратно наградуван работодавач, како и едукативни иницијативи за зајакнување на локалната ИТ-заедница. Оттаму најавуваат организирање на академии каде најдобрите програмери во регионот, за почеток ќе едуцираат 25 македонски студенти со минимално предзнаење.

– Дваесет и пет студенти од Македонија ќе добијат од едукација од најдобрите програмери во регионот и тие ќе им го пренесат своето знаење. Во ИТ-секторот е важно да се има некое знаење и континуирано усовршување, бидејќи во оваа индустрија сè многу брзо се движи. Среќни сме што можеме тоа да го пренесеме и на македонскиот пазар и да помогнеме во развојот на ИТ заедницата и можеби некој од тие 25 луѓе ќе се вработи кај нас, но повеќето нема да се вработат, така што поголем број ќе отидат во некои други ИТ-фирми, а тоа и ни е целта, да го подигнеме знаењето и компетенцијата на повисоко ниво – истакна Бојан Баиќ, одговорен за маркетинг во „Инфинум Македонија“.

Ѓорѓи Ќосев, директор на „Инфинум Македонија“, вели дека во ИТ- индустријата во Македонија моментално има околу 10 илјади инженери и со тој тренд се носиме со другите држави.

– Квалитетот на кадарот што излегува од факултетите е солиден. Секогаш правам паралела како било во 2007-2008 кога јас почнував во ИТ-индустријата и сега, мислам дека сега имаме солидни факултети кои генерираат добри кадри – смета Ѓосев и нагласува дека од Македонија има одлив на секакви кадри, па и од ИТ-индустријата.

– Не станува збор дека има одлив на кадри дека немаме добри фирми или добри проекти, станува збор за други системски проблеми со кои се соочуваме. Претежно ИТ-професионалците во Македонија одлучуваат да ја напуштат државата кога се во некоја фаза на градење на фамилија и кога можеби мислат дека системот во Македонија не е доволно добар – коментира тој.

Во „Инфинум Македонија“ моментално се вработени околу 30-35 луѓе, планираат во следните три години да вработат уште стотина нови експерти – програмери, но и да ангажираат и дизајнери, аналитичари, проект-менаџери и психолози, од кои 20-25 до крајот на оваа година.

Притоа, нудат различни бенефиции за вработените да ги задржат, како на пример приватно здравство и годишен едукациски буџет за секој вработен за купување на литература, посета на семинари и академии, конференции и слично.

Вратите на „Инфинум Македонија“ се отворени и за жени кои се гледаат во програмерскиот свет. Оттаму сметаат дека последниве 10-15 години има сè повеќе жени кои завршуваат факултет и се одлучуваат за оваа професија, кои се гледаат во програмерскиот свет.

– Се трудиме да постигнеме баланс, но реалноста е дека многу повеќе мажи се одлучуваат за оваа професија, но дефинитивно бројот на жени е зголемен во оваа професија од пред десетина година. Ова, во некој дел, можеби може да се регулира и на жените да им се даде еднаква можност, тоа и го правиме, но можеби не е толку до нас, колку што е во образовниот систем и културата. Во Хрватска сè повеќе жени се запишуваат на факултет и имаме некои жени на лидерски позиции – вели Баиќ.

Инаку, согласно последните објавени официјални податоци од Државниот завод за статистика, просечната исплатена месечна нето-плата по вработен за ИТ-секторот (компјутерско програмирање) за месец март 2022 изнесувала 80.128 денари и истата е за 2,6 пати поголема од просечната исплатена месечна бруто плата за сите сектори која изнесува 31.080 денари.

Премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека информатичката индустрија има голем раст и веќе достигнала 1 милијарда евра, со извоз од 250 милиони евра, и оти планот е да се зајакне и да се забрза нејзиниот раст.

Со цел, стимулирање за младите што повеќе да се насочат кон овој сектор, каде од ден во ден се потребни сè повеќе работници, Ковачевски најави дека Владата до 2023 година предвидува намалување на персоналниот данок во ИТ-секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто, како и ослободување од данок за преквалификација, обука, дообука во компаниите, ослободување од данок од трошоците кои се прават за лиценци за ИТ-индустријата.