Платите на македонските работници растат најбрзо во Европа. Економската криза и пандемијата не го попречија растечкиот тренд, но и покрај тоа, ни минималната, ни просечната плата не можат да се одлепат од европското дно, ниту пак да ги покријат минималните потреби на просечното македонско семејство.

Државниот завод за статистика пресмета раст на платите лани во однос на преклани за 5,4 проценти, односно за 1.458 денари, со што просечната нето плата по работник во декември се искачи на 28.394 денари. Од вкупно 96 дејности кои ги обработуваат статистичарите, намалување на платите има само во осум. Најмногу, речиси за 20 проценти паднале платите на вработените во филмската дејност, видеопродукцијата и телевизиската програма и во фирмите од областа на туризмот. Пад на платите е регистриран и во лизинг компаниите, во спортските и рекреативните дејности, во фирмите за поправка на компјутери и апарати за домаќинства, во хотелиерството, во воздухопловниот транспорт и во дејностите за складирање.

 

Извор: Работник.мк