На 34-тата Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2022), која од 7-ми до 15-ти август се одржува во Индонезија во градот Јогјакарта, македонскиот тим средношколци го постигнаа историски највисокиот резултат во повеќегодишната традиција на ова натпреварување. Македонскиот тим на овој интернационален натпревар во програмирање беше составен од учениците Благојче  Павлески, Марко Таневски, Софија Велковска и Тео Китановски, предводени од д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и  компјутерско инженерство (ФИНКИ).

ИОИ 2022, после 2 години онлајн изданија, се одржува како хибриден настан, а повеќето од 90-те тимови се присутни во Индонезија. На настанот учествуваат вкупно 352 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, кои беа избрани преку годишните национални натпревари во програмирање во земјите учеснички.

“Во силна конкуренција, досега најдобриот сребрен медал за Македонија го освои Благојче Павлески, ученик од Прилеп, со штотуку завршено средно образование во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје. Учениците Марко Танески, исто така од Прилеп, и Тео  Китановски од Скопје освоија бронзени медали.  Нашиот тим традиционално се избира во целогодишен циклус натпревари кој го  организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава  поддржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство  (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Мелон Технологии, Нетцетера и  Семос Едукација. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е одржуван  волонтерски од ЗИМ и е достапен во текот на целта година за сите заинтересирани  натпреварувачи.” – појаснуваат организаторите.

Д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ, и долгогодишен член на управниот  комитет на Интернационалната олимпијада, за овој голем успех изјави:

„Во текот на  вчерашниот ден, гледајќи ги во живо како се менуваат резултатите од натпреварот, кога  во одредени моменти Благојче беше и со освоен златен медал, сфатив дека вреди што  како Здружение трошиме огромна енергија за организација на домашните натпревари и  за подготовка на талентираните учениците за интернационалните натпревари.  Резултатот остварен на овој натпревар претставува продолжување на традицијата на  успешни претставувања на Македонија на интернационалните информатички  олимпијади во последниве десетина години и уште една нова потврда за знаењата и  вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици.

Успесите повторно пропратени со институционални киксови и маргинална поддршка за идните генерации

За жал, заради задоцнета поддршка за патување од страна на институциите и зголемувањето на цената на авио билетите, нашиот тим наместо во живо учествуваше на олимпијадата онлајн, од просториите на ФИНКИ и со тоа на нашите врвни ученици им беше ускратена можност да бидат на лице место заедно со  учесниците од останатите земји.

Со оглед на успесите кои македонските ИТ таленти ги постигнуваат ширум светот – земете ги на пример само неколкуте во овие последни месеци – во е-спортот, во развојот на игри, во стартап светот, во кои младите ИТ таленти подобро ја претставуваат државата од кој било пратеник, министер, политичар или политичка партија, крајно време е да се ревидираат малку работите на институционално и национално ниво и да дадеме соодветна поддршка на потенцијалот кој може многу да помогне на државата во иднина.

Благојче, бидејќи е пласиран високо на ранг листата  меѓу најдобрите учесници од светот, ќе добие покана за да учествува на камп во  Сингапур во тек на септември.

“Врвните резултати не доаѓаат случајно, туку со долгогодишна работа и со  насочено развивање на образованието. За жал, со последните измени и нови концепции информатиката се маргинализира, а гласот на Здружението, кое претходно беше  двигател на позитивните промени, сега се маргинализира од државните институции. Со  ваквиот пристап, расте мојата скепса за идни големи успеси во областа на  информатиката во нашата земја.“. – додава д-р Миле Јованов.

Следната, 35-та по ред, Интернационална олимпијада по информатика треба се  одржи идната година во Сегедин, Унгарија, а во периодот кој следи ни претстои  учество на Балканска олимпијада за јуниорите и сениорите, и двете во Романија,  Европска олимпијада за јуниорите во Украина – онлајн, како и Европска олимпијада за  девојки во Турција.