Приходи од 48.778.104.541 денари или околу 800 милиони евра  лани оствариле 58 правни лица кои се занимавале со игри на среќа. Од тоа, овие компании оствариле профит од 70,4 милиони евра, покажува анализата на „Пари“.

Доколку се анализираат деловните движења последните години, заклучокот на анализата е дека овој бизнис постојано расте. Вкупниот број на вработени во оваа индустрија е 7.745, додека просечната плата е 33.383 денари или околу 550 евра.

„Според приходите на овие друштва, може да се види каде најмногу оделе и оставале пари нашите граѓани. На прво место по приход е ПРО БЕТИНГ. За оваа компанија веќе со години е зацементирано првото место. Ланскиот приход и бил 194,5 милиони евра и е дури 33 проценти поголем отколку во 2022 година, кога исто така биле прваци по примените пари. Со 400.000 евра добивка, „Про бетинг“ не влегува во првите 10 најпрофитни компании“, пишува во анализата на „Пари“.