Македонија заостанува со платите и со пензиите во однос на другите земји од регионот. И покрај тоа што власта постојано се фали дека платите и пензиите растат, податоците не го покажуваат тоа. Македонија останува на дното во Европа според висината на просечната плата, со нето-приход од 37.876 денари, односно 615 евра. Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 735 евра месечно, во Босна и Херцеговина 645 евра, во Црна Гора 800, во Хрватска 1.156 и во Словенија 1.442 евра месечно. Освен по платите, на дното во регионот сме и според пензиите. Македонските пензионери земаат 310 евра, Хрватите 449, Србите 341, а пензионерите во Црна Гора – 464 евра.

Македонија заостанува со платите и со пензиите во однос на другите земји од регионот. И покрај тоа што власта постојано се фали дека платите и пензиите растат, податоците не го покажуваат тоа. Македонија останува на дното во Европа според висината на просечната плата, со нето-приход од 37.876 денари, односно 615 евра. Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 735 евра месечно, во Босна и Херцеговина 645 евра, во Црна Гора 800, во Хрватска 1.156 и во Словенија 1.442 евра месечно.

И по висината на минималецот, сè уште се наоѓаме на дното во регионот. Во Хрватска, минималецот е 500 евра, а се очекува да се зголеми за 172 евра и да изнесува 672 евра. Во Србија се најавува дека ќе се зголеми минималната плата и дека ќе изнесува 426 евра. И во Албанија, која заедно со нас имаше најниска минимална плата со последното зголемување од 56 евра, минималецот ќе се качи на 341 евро и ќе биде повисок откај нас.

Освен по платите, на дното во регионот сме и според пензиите. Македонските пензионери земаат 310 евра, Хрватите 449, Србите 341, а Црногорците 464.

Според економските експерти, за реално да пораснат платите, мора да порасне економијата, а не може да се случи тоа ако немаме реален раст на инвестициите во секторите како здравство, образование земјоделство… Растот на платите е резултат, пред сè, на административните мерки, односно зголемувањето на минималецот и на платите во јавниот сектор.

– Ние имаме недостиг на економска активност во државата и на прво место ја ставаме социјалната компонента наместо економската. Владата носи популистички социјални мерки само за да ја смири ситуацијата на кратко. Македонија го губи чекорот во однос на земјите во регионот, бидејќи нема стратегија за развој, а економијата ја базира на дневнополитички мерки. За да имаме реален економски раст, мора да имаме реализација на инвестициите над 60 отсто и реален раст на инвестициите во здравството, образованието, земјоделството… – изјави за весникот ВЕЧЕР Абил Бауш, економски аналитичар.

Според него, во државата нема реформи, се губат инвестициите и од странски и од домашни компании и пазарот останува неконкурентен и неинтегриран во регионот и затоа сме на дното и по плати и по пензии.

– Ние имаме вградена инфлација, односно психолошка и реална и во услови кога растат цените, Владата ги покачува платите на функционерите за 78 отсто и ја зголемува минималната плата и покрај тоа што нема реална основа и врши дополнителен притисок врз цените. Од друга страна, носи највисок буџет досега, во кој не се планирани инвестиции на среден и на долг рок, кои ќе поттикнат економска активност и ќе го зголемат стандардот на граѓаните. Во отсуство на развојна компонента во државата, страда стандардот на граѓаните, односно платите и пензиите на граѓаните – појаснува Бауш.

И од Сојузот на синдикати на Македонија го потврдуваат фактот дека платите на македонските работници се на дното во регионот. Оттаму велат дека ќе се борат за зачувување на куповната моќ на работниците и на граѓаните и за раст на платите.

– Преку социјален дијалог и со борба на работниците преку протести и штрајкови, ќе се трудиме да обезбедиме повеќе. Не оставаме повеќе политиката да кажува и да диктира дали ќе се оствари нешто, туку со системски донесено решение тоа само да се спроведува, како што се одредбите од Законот за исплата на минимална плата и општиот колективен договор за јавниот сектор од оваа година. Со тоа, би рекол дека ќе имаме пораст и на минималната и на просечната плата во државата. ССМ секогаш се залагал и ќе продолжи да се залага за достоинствени плати и за подобар стандард на работниците, а со тоа намалување на сиромаштијата и на одливот на кадри во останатите европски земји – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање.

Од Синдикатот велат дека и покрај постојаниот пораст, минималната плата сè уште е на дното и не е доволна за покривање на месечните трошоци, кои постојано растот. Пресметките покажуваат дека за да се покрие месечната потрошувачка кошничка, веќе се потребни две просечни плати.

Освен од платите во регионот, со просечна годишна плата од над 7.000 евра, далеку сме и од европските плати. Исланѓаните се на врвот според висината на платите од 73.642 евра, а на дното се Грците со 24.067 евра. По Исланд, следуваат Луксембург со 72.529 евра, Швајцарија со 67.605 евра, Белгија со 63.758 евра и Данска со 59.405 евра. Најниски просечни плати, освен Грција, имаат и Словачка со 24.337 евра, Унгарија со 26.376 евра, Португалија со 29.540 евра и Чешка со 30.967 евра.