Седум македонски винарии учествуваат на меѓународниот Слоу вајн саем во Болоња, што почнува денеска, а ќе трае до 29 март.

Меѓу учесниците се тиквешките семејни винарии Наумчеви, Ерос, Јаковлевски, Вински подрум Попови, Захарчев, Пешков, како и винаријата Шато Камник. Тие ќе ги претстават своите вина пред интернационалната публика составена од вински професионалци, дистрибутери на вино, сомелиери, вински критичари и писатели, угостители и готвачи и вински ентузијасти.

Според Програмата, утре ќе бидат претставени македонскиот и Slow Wine водичите на Италија, САД, Кина, а Германија ќе го претстави искуството за сертифицирање.

Саемот во текот на трите дена ќе понуди конференции, мастер предавања и дегустации достапни за сите љубители на виното, а ќе биде и домаќин на првиот состанок на Slow Wine Coalition, инклузивна, колаборативна и меѓународна мрежа која ги обединува винарите, ентузијастите и професионалците од секторот.

Учеството на меѓународниот Слоу вајн саем во Болоња го организира Слоу Фуд Македонија со поддршка на Слоу Фуд Интернационал и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. мч/мд/