Претходно на сличен начин, бугарските производители, го нападнаа и увозот на украинско жито, како „дампинг“ и „сомнителен квалитет.
Повеќе од триесет тони замрзнато јагнешко месо од Северна Македонија, откриени во кланица кај Крџали, кои беа претставени како бугарско, немаат никакви разлики во индикаторите по микробиолошката анализа, а месото ќе биде пренасочено на понатамошна обработка. Ова го констатирала бугарската агенција за безбедност на храна (БАФСА), која на 11 април ја стави стоката под ембарго додека не се расветли случајот по извештајот на Националното здружение за одгледување овци, објави „Сегабгњус“.
-На кланицата, која се обидела да ги доведе во заблуда своите соработници и крајните потрошувачи за потеклото на месото, и се изречени две опомени и упатена е наредба за стопирање на активностите поврзани со увоз и дистрибуција на месо од ситни преживари од трети земји. Вкупно 1.406 килограми храна од животинско потекло е забранета за продажба и упатена на уништување за време на велигденските инспекции – соопштија од БАФСА.
Пред Велигденските празници, бугарските фармери и трговци, во неколку наврати тврдеа дека на тамошниот пазар „се продава македонско јагне, маскирано како бугарско“. Претходно на сличен начин, бугарските производители, го нападнаа и увозот на украинско жито, како „дампинг“ и „сомнителен квалитет“. Од друга страна, бугарската Агенција за безбедност на храна уверуваше дека увозот е под „екстремно зајакната“ контрола и невозможни се фалсификати на потекло, потсетувајќи дека ако месото е од животно одгледано во Бугарија, има син печат, ако е од друго потекло е означен со црвено мастило.
Според Здружението за овчарство, во Бугарија влегле над 200 тони јагнешко месо од Северна Македонија по цена под 7 евра за килограм. Поради договорот меѓу ЕУ и Северна Македонија за бесцаринска трговија, на тамошниот пазар се увезувало месо, кое е за 30 отсто поевтино од домашното производство, тврдеше потпретседателот на Националната асоцијација за овци и кози, Симеон Караколев. Претходно тој за бугарското радио „Фокус“, изјави дека „западниот сосед не ги почитува европските прописи за употреба на добиточна храна, вакцини и лекови при одгледување животни, а под знак прашалник е и квалитетот на соодветното месо“.
„Слободен печат“ веќе го објави ставот на Агенцијата за храна и ветеринарство, според кој македонската законска регулатива е комплетно усогласена со европската, а во одредени сегменти на сила се и построги критериуми за безбедност од европските.
– Како одговорна институција за безбедноста на храната и храната за животни и здравствената заштита на животните најодговорно тврдиме дека употребата на антибиотици во производство на месо и млеко во Република Северна Македонија е законски регулирано, со прописи што се порестриктивни во споредба со европските, со кои се усогласени – поентираат од АХВ.
Бугарските фармери додаваат дека на тамошниот пазар има увоз и од Романија, кој, сепак, не им пречи бидејќи цените биле до нивните! Цената на јагнешкото месо во бугарските продавници варираше помеѓу 10 и 14 евра за килограм. Килограм јагнешко во Македонија пак се продава од 460 до 530 денари за килограм во зависност од тоа дали се купува со внатрешните делови.