Во првите три месеци од 2018 година „Макпетрол“ АД Скопје прикажа добивка пред оданочување во висина од 106,1 милиони денари, односно добивка по оданочување во висина од 96,7 милиони денари која е двојно повисока од минатата година кога за истиот извештаен период друштвото оствари добивка во износ од 43 милиони денари, соопшти компанијата преку Македонската берза.

Во овој период компанијата оствари вкупен приход во износ од 4,33 милијарди денари кој е поголем од минатогодишниот за 323 милиони денари или 8,1 индексни поени.

Во истиот период остварени се вкупни расходи во висина од 4,22 милијарди денари што преставува зголемување во однос на минатата година за 264 милиони денари или 6,7 индексни поени

„Основни причини за прикажаната добивка се зголемената продажба на енергенси во малопродажбата, особено продажбата на светлите деривати и метанот за 2% од минатогодишната рекордна продажба и значително зголемување на прометот на останатиот малопродажен асортиман, зголемување на приходи од продажба на странски пазар за 31%, зголемување на оперативната добивка за 2% и зголемување на приходи од вложувања, камати и курсни разлики во однос на истиот период од минатата година за 56%. Остварениот финансиски резултат е 49% над планираниот“, соопшти компанијата.