Против Охридска банка АД Скопје, од страна на малцински акционери е поведена судска постапка за утврдување на ништовност на одлуката за зголемување на акционерски капитал со издавање на обични акции со право на глас од 13-та емисија по пат на приватна понуда на институционален инвеститор од 8.5.2020 година, информира банката преку Македонската берза.

Се бара побивање на истата одлука, утврдување ништовност на уписот на промена зголемување на основна главнина на банката извршен со решение на Централниот Регистар на Република Северна Македонија и барање по утврдување на ништовноста да се изврши промена во акционерската книга од страна на Централниот депозитар на хартии од вредност АД Скопје.

Вредноста на судскиот спор со тужбата е определена на 1.500.010 денари.

„Одлуката за зголемување на акционерски капитал со издавање на обични акции со право на глас од 13-та емисија по пат на приватна понуда на институционален инвеститор СО.бр.0201-2117/3 од 8.5.2020 година, е донесена врз основа на одредбите од Законот за хартии од вредност, Законот за трговски друштва и Законот за банки.

Врз основа на Решение за давање одобрение за издавање на долгорочни хартии од вредност по пат на приватна понуда УП1 10-46 од 14.5.2020 година, банката ја спроведе постапката за издавање на хартии од вредност во согласност со условите определени во собраниската одлука СО.бр.0201-2117/3 од 8.5.2020 година и на ден 18.5.2020 година приватната понуда е запишана и платена.

Имајќи го во предвид наведеното, менаџментот на банката смета дека тужбените наводи се неосновани“, соопшти банката.