Фармерот во сопствениот објект за преработки од месо, ќе може да произведува најмногу до 2.000 килограми сувомеснати производи за седум дена

Маркетите и локалните малопродажни објекти, можат да продаваат месо и млеко и нивни преработки, јајца, риби и мед, кои ги набавиле директно од малите фармери. На овој начин ќе се зголеми и понудата на традиционално произведената храна.

Дел од сточарите и од помалите земјоделските стопанства што произведуваат храна од животинско потекло, ќе можат директно без прекупци да се поврзат и да ги понудат своите производи за пласман во малопродажните трговски објекти и мрежите на маркети, предвидува Правилникот на Министерството за земјоделство. Месото и месните преработки што индивидуалните производители ќе ги продаваат на пазарот треба да потекнуваат од фарма што е регистрирана во Агенцијата за храна и ветеринарство. На фармата ќе се колат животни само од сопствено производство, а месото ќе се продава на крајниот потрошувач на самото место и за сопствена локална туристичка понуда, објави МРТ.

Според Правилникот, неделно на една фарма ќе може да се заколат 4 говеда, 6 телиња, 6 свињи, 20 прасиња, 5 овци, 10 јагниња, 20 зајаци и 5 ноеви. Фармерот во сопствениот објект за преработки од месо, ќе може да произведува најмногу до 2.000 килограми сувомеснати производи за седум дена. Со Правилникот се предвидува и користење мобилни кланици, кои треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство. Министерството за земјоделство предвидува и грант за малите семејни бизниси што ќе продаваат од куќен праг.