Висината на надоместоците постепено ќе се намалува и на почетокот на 2025 година не смее да биде повисока од 0,2 отсто од вредноста на платежната трансакција извршена со дебитна платежна картичка, односно од 0,3 отсто кај кредитна платежна картичка, велат од НБРСМ.

Иако може да платите патарина со картичка и сметка за такси, во некои од помалите дуќани и трафики во Скопје ќе ви побараат кеш доколку сакате да купите цигари, или пак ќе ви кажат дека сума помала од 100 денари не поминуваат со картичка! Пластиката како платежно средства не е прифатена и во некои слаткарници, пекарници, продавници за млечни производи, пиљари, фризерници, козметички салони… Граѓаните се револтирани од ваквиот однос на трговците. Особено е проблематично ако немате кеш при рака, ако во вечерните часови купувате нешто. Трговците пак се правдаат дека банкарската провизија им ја јаде заработувачката, па иако е непопуларно ги одбиваат муштериите.

-Провизијата е од 1,5 до 2 отсто на една кутија цигарири, и ако ја поминам сумата ќе ми ја изеде заработувачката која се движи до 2 денари. Добро би било да се намалт банкарските провизии, зашто од тоа ќар ќе имаме сите – велат дел од трговците.

-Газдата не дава да се плати со картичка ако сумата е помала или е 100 денари – се правдаат во локален дуќан.

Ваквите појави не се во согласност со определбата за омасовување на безготовинското плаќање, но и дваесеттина години од воведувањето на пластиката, се уште има трговци на кои пост терминалите им фаќаат прав на полиците и се вадат евентуално за пред инспекциите. „Слободен печат“ се обрати до Народна банка за да добие одговор дали е ова легално?

-Готовите пари се законско средство за извршување на плаќањата во секоја држава, па така и во нашата, но заради погодностите кои на граѓаните им ги овозможува употребата на безготовинските инструменти, вклучително и картичките, како и придобивките за целокупната економија од располагањето со паричните средства преку нивните сметки во банките наместо во готовина, се преземаат разни законски и други мерки за поттикнување на безготовинските плаќања. Оттаму, дали наплата на стоките и услугите ќе ја врши во готовина или со безготовински инструменти, е деловна одлука на трговецот, што во еден дел, секако, зависи и од висината на трошоците за прифаќањето на еден или друг начин на наплата. Воедно, купувачите со промените на навиките, кон се поголемата употреба на безготовинските инструменти (картичките) и задоволување на своите потреби кај трговците кои тоа им го овозможуваат, дополнително ја поттикнуваат конкуренцијата и може да придонесат за поголемо прифаќање на картичките во трговијата – велат од НБРСМ.

Од Централната банка додаваат дека се преземени низа мерки за поттикнување на безготовинското плаќање вклучително и за намалување на трошоците на трговците за наплата на нивните стоки и услуги со картички.

-Со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, за прв пат, се врши ограничување на висината на надоместоците кои банката што го поставила ПОС уредот кај трговецот ги плаќа на банката што ја издала платежната картичка која се користи на ПОС уредот, како дел од трошокот што влијае на висината на надоместокот што трговецот го плаќа на банката за користење на ПОС терминалот, а со тоа и на неговиот интерес за прифаќање на платежните картички. Висината на овие надоместоци постепено ќе се намалува и на почетокот на 2025 година не смее да биде повисока од 0,2 отсто од вредноста на платежната трансакција извршена со дебитна платежна картичка, односно од 0,3 отсто кај кредитна платежна картичка, со што ова ограничување ќе се изедначи со европските правила. Ова се очекува да ги намали трошоците за давателите кои поставуваат ПОС уреди кај трговците, коешто понатаму би резултирало со намалени надоместоци за трговците кои прифаќаат плаќања со платежни картички. Тоа, пак, би ги поттикнало трговците кои немаат поставено ПОС уреди на своите продажни места да започнат да прифаќаат платежни картички, што на крајот би придонело за поголемо користење на паричните средства на платежните сметки на граѓаните, како и за намалување на готовинското плаќање – објаснуваат од НБРСМ.

Најмали се провизиите за точење гориво

Дополнително, со цел да ја зголеми транспарентноста и да ја поттикне конкуренцијата помеѓу банките, Народната банка почнувајќи

Од 2018 година НБРСМ прибира и објавува годишни податоци  за надоместоците кои банките ги наплатуваат од трговците за користење на ПОС уредите. Според тоа лани, просечната банкарска провизија за трговците изнесувала 1,13 отсто од вредноста на прометот, што е помалку за 0,06 п.п. во споредба со 2021-та. Најголемо намалување се забележува кај провизиите за плаќањата на бензинските пумпи и на јавните и комуналните услуги (за 0,19 п.п.) и во електронската трговија (за 0,14 п.п.).

Инаку, за 16 отсто се зголемил бројот на трговците, кои лани прифаќале платежни картички, а во земјава се поставени 30.011 пост терминали, а 13.359 се во трговијата.  Дури 86 отсто од тргoвците ја поддржуваат бесконтактната технологија, а има и годишен раст од 13 отсто на плаќањата со картички.