Малопродажбата во Европската Унија во септември забележала пад по растот во претходниот месец, а најизразено намалување е регистрирано во Германија. Според најновите податоци на европската статистичка служба Евростат, обемот на продажбата во еврозоната се намалил за 0,7 проценти во однос на август, додека во целата ЕУ падот изнесувал 0,6 проценти.

Најголем месечен пад имала Германија, каде што малопродажбата се намалила за два проценти. Намалување е забележано и во Романија за 1,3 проценти, Португалија за 0,9 и Франција за 0,6 проценти. За споредба, во август продажбата во ЕУ пораснала за 0,4 проценти.

Европските потрошувачи најмногу ги намалиле купувањата на непрехранбени производи, чија продажба во еврозоната опаднала за 1,2 проценти. Продажбата на храна, пијалаци и тутун се намалила за 0,3 проценти, додека кај автомобилските горива е забележан раст од еден процент.

На годишно ниво, малопродажбата пораснала за само 0,4 проценти во еврозоната и за 0,9 проценти во Европската Унија.

Послабата потрошувачка доаѓа во услови на зголемени трошоци за енергија и повисока инфлација, кои ја ограничуваат куповната моќ на европските домаќинства. Намалената побарувачка во најголемите европски економии може да се одрази и врз производителите и извозниците од регионот, меѓу кои и македонските компании, чија економска активност е тесно поврзана со европскиот пазар.