Jавните претпријатија, основните и средните училишта и разни други компании не склучиле договор навреме за снабдување со електрична енергија, па поради тоа сега струјата ја плаќаат за 50% повеќе. Ова го соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши, кој меѓу другото информираше дека со цел ублажување на кризата, маржата за трговија со струја е ограничена на 10%.

Согласно владината одлука, новата маржа треба да почне да се применува пред почетокот на грејната сезона и да важи до 15 април 2023 година. Истовремено, Регулаторната комисија за енергетика го измени Правилникот за снабдување со електрична енергија, намалувајќи ја маржата што ја пресметува крајниот снабдувач како што е ЕВН од 50% до 20%.

Бектеши рече дека ќе бидат објавени имињата на сите јавни институции кои не ги запазиле препораките за штедење на струја, а за тоа одговорност ќе се бара од раководителот на таа институција.