Компанијата Rimac Аutomobili ги претстави плановите за својот најголем проект досега – кампус и новото седиште на компанијата во Света Недела во близина на Загреб. Тој проект ќе биде посебен по многу работи – ќе биде опкружен со природа и зеленило, а во него ќе се произведува органска храна и слободно ќе се движат домашни животни.

„Вкупната вредност на проектот ќе биде 200 милиони евра. Проектиран е за 2.500 вработени, има голем истражувачки и развоен дел, дел за тестирање батериски системи, погонски системи, развој и тестирање плус производство на батерии, мотори, преносници на електроника и цели автомобили“, изјави Мате Римац, основачот на Rimac Аutomobili.

За вработените е осмислен да се чувствуваат како дома. Ќе има сали за игри, спортски центар, детска градинка, дури и засолниште за животни. Главната специфичност е тоа што ќе биде целосно отворен за јавноста.

„Ова е можеби единственото развојно истражувачко место кое нема да има ограда. Сакаме јавноста да може да дојде и да ги види нашите луѓе, да види што и како правиме, да имаме интеракција. Да доаѓаат млади, да видат како развиваме и произведуваме автомобили. Нешто тука можеби ќе ги инспирира. Ќе соработуваме со факултети, образовни институции“ додаде Римац.

Кампусот го дизајнираше хрватската архитектонска компанија 3LHD. „Кампусот е огромен. Самата хала за производство е подолга од 400 метри и тоа ја прави една од најголемите градби во Хрватска. Изградбата почнува до крајот на годинава, а ќе биде довршена во 2023 година“ велат од 3LHD.