Од МБА веруваат дека Министерствотото за финансии ќе посвети внимание на утврдувањето на оптимална висина на каматната стапка, која ќе ги задоволи потребите на емисијата на обврзницата, но истовремено, ќе се избегне испраќање погрешни сигнали на пазарот за цената на парите

Граѓанската обврзница е нова можност за македонските граѓани за безбедно вложување на слободните средства со кои располагаат. Без ризик и со добивка која засега не може да се пресмета, поради тоа што каматата се уште не е утврдена, но сепак, ќе се оди со стапка повисока од банкарската понуда за штедните влогови. Или, според најавите, ќе биде позиционирана меѓу стапките за банкарските депозити и еврообврзницата.

Се претпоставува дека за оваа намена луѓето едноставно ќе ги извадат парите од „под перница“ и ќе влезат во бизнис зделка со државата. Исто така, се смета дека обврзницата нема да им наштети на банките, односно сопствениците нема да посегаат по влоговите. Од една страна, таквото размислување има реална основа во практиката, која потврдува дека на македонските граѓани најблиско им е традиционалното штедење. Банките им се секогаш првиот избор, а поретко вложуваат, на пример, во пензиските столбови или во акции во некои од компаниите. Во прилог на ова и податокот за март годинава – во банките има 5,2 милијарди евра депозити од населението.

Од друга страна, пак, се неодамнешните случувања во одделни европски земји, каде што штедачите ги повлекуваа своите пари од банките, незадоволни од однесувањето на банкарите, кои ги зголемија каматите за кредитите, но не и за влоговите. Па, дел од средствата се пренасочија во фондовите кои обезбедуваа повисоки приноси.

Во тој контекст и податокот од домашен терен, каматите што ги пресметуваат македонските банки се движат до нецели два проценти, во зависност од периодот на орочување.

Може ли обврзницата и каматата која ќе оди со неа, да го наруши банкарското секојдневие? Се очекува ли некаков позначаен одлив на парите депонирани од населението? – се прашањата што порталот Пари, ги упати до Македонската банкарска асоцијација.

„Според објавените информации од Министерството за финансии, планираниот вкупен износ на кој би се издала граѓанската обврзница е 50 милиони евра, што претставува само 0,6 проценти од вкупните депозити во банкарскиот сектор. Оттука, не треба да се очекуваат негативни ефекти врз ликвидносната позиција на банките од евентуална трансформација на дел од овој износ од 50 милиони евра, од банкарски депозити во граѓанска обврзница“, изјавија од МБА.

Исто така, посочуваат – МБА верува дека Министерствотото за финансии ќе посвети внимание на утврдување на оптимална висина на каматната стапка, која ќе ги задоволи потребите на емисијата на обврзницата од една страна, но истовремено, ќе се избегне испраќање на погрешни сигнали на пазарот за цената на парите.

Каматните стапки на депозитите и кредитите се формираат на пазарот, тие се пазарни категории и во крајна линија, поврзани се една со друга. Оттука, за економијата во целина е најдобро доколку каматната стапка на граѓанската обврзница го следи и е блиску до нивото кое го има утврдено пазарот на депозити во овој момент“, порачуваат од Македонската банкарска асоцијација.

Обврзницата наменета за граѓаните ќе биде емитувана идниот месец. Номиналната вредност е десет илјади денари, односно тоа е минималниот износ за инвестирање во овој инструмент. Рокот на доспевање е две години. Доколку се случи некому да му требаат пари пред истекот на тој период, обврзниците ќе може да ги продаде на секундарниот пазар, односно на Берзата.

Емитувањето граѓански обврзници ќе се востанови како редовна практика, од која полза ќе имаат државата, која поевтино ќе се задолжува, граѓаните кои ќе добиваат поголеми износи за инвестираните пари и економијата, затоа што целот процес претставува финансирање во развојот на земјата.

Сепак, предупредува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини – државата на граѓаните треба да им каже каде ќе ги инвестира инкасираните 50 милиони евра, освен за зголемените плати на државните функционери“.