Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, освен што стана жител на Охрид тој го пресели и својот бизнис во Охрид.

Имено, една од своите ретки фирми во кои тој е единствен сопственик – Макпоинт, од 1 август ја пресели од Скопје со ново седиште во Охрид. Макпоинт ДООЕЛ Скопје е преименувано во Макпоинт ДООЕЛ Охрид на улица АСНОМ во овој град, објави Фактор.мк.

Макпоинт е друштво за трговија и услуги. Станува збор за компанија основана во далечната 1993 година, чие седиште, според претходни написи на медиумите, се наоѓаше на домашната адреса на Мијалков, кој е сопственик но и управител на друштвото.

Според Министерството за транспорт и врски, оваа компанија кон средината на 2017 добила лиценца за внатрешен и за меѓународен товарен транспорт. Во меѓувреме компанија го формирала и друштвото за товарен патен транспорт со назив Поинт Оил Транспорт.

Откако Мијалков ја призна вината, меѓу останатото, му е конфискуван имот во вредност од 5.476.653,00 евра и тоа парични средства во износ од 336.814.160,00 денари од банкарската сметка на правното лице ДТУ Макпоинт ДООЕЛ Скопје.

Медиумите на крајот на јули објавија дека поранешниот шеф на тајната полиција ја променил адресата на живеење во Охрид, а за случајот „Империја“, тригодишната затворска казна ќе ја издржува во затворот во Струга. Тој затвор е од отворен вид и таму може само да се преноќува.