Во Европска унија минатата година 92,7 милиони луѓе, односно 20,9 отсто од населението, биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост, покажуваат податоците на Евростат. Во споредба со 2024 година, оваа бројка е намалена за околу 600.000 лица.
Според статистичарите, овие граѓани живееле во домаќинства погодени од најмалку еден од трите ризици: сиромаштија, тешка материјална и социјална состојба или многу низок интензитет на работа.
Највисок удел на луѓе на прагот на сиромаштија или социјална исклученост е регистриран во Бугарија, каде што изнесува 29 отсто. Следуваат Грција со 27,5 отсто и Романија со 27,4 отсто.
Од друга страна, најниски стапки се забележани во Чешка (11,5 отсто), Полска (15 отсто) и Словенија (15,5 отсто).
Податоците покажуваат дека жените, младите на возраст од 18 до 24 години, лицата со пониско ниво на образование и невработените имаат поголема веројатност да се соочат со сиромаштија во однос на другите групи во ЕУ. Ризикот кај жените изнесува 21,9 отсто, додека кај мажите 19,8 отсто.
Образованието исто така игра значајна улога. На ниво на ЕУ, повеќе од една третина (34,2 отсто) од лицата постари од 18 години со ниско образование биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост, додека кај високообразованите овој удел изнесува 10,3 отсто.