BN-HJ427_weakeu_P_20150312093212Курсот на еврото во однос на доларот минатата недела зајакна трета недела по ред, достигнувајќи највисоко ниво во последните два месеци, како последица на забавувањето на американската економија, со што се зголемија уверувањата на инвеститорите дека во јуни ФЕД нема да ги зголеми каматите.

Девизниот курс на еврото минатата недела се зголеми за 3 проценти во однос на доларот, на 1,1200 $, а во еден момент во петокот достигна и 1,1248 $, највисоко ниво во изминатите два месеци. Еврото зајакна и во однос на јенот за 4,1 проценти на 134,55 ¥. Доларот исто така зајакна во однос на јенот за 1 процент, на 120,15 ¥.

До средата, курсот на еврото се движеше под 1,10 $, а потоа нагло, по извештајот за американскиот бруто домашен производ (БДП) се искачи на 1,12 $ затоа што растот на најголемата економија во светот неочекувано е успорен.

Проценката покажува дека американскиот БДП во првиот квартал се зголемил за само 0,2 проценти на годишно ниво, значително помалку од очекувањата на аналитичарите во анкетата на Ројтерс од 1 процент, а далеку помалку од 2,2 проценти во четвртиот квартал минатата година.