Минималната плата ќе се зголеми на 18.000 денари во март или април, а не од 1 јануари како што во неколку наврати најавија претставници на власта и како што бара Сојузот на синдикатите на Македонија, дознава весникот ВЕЧЕР од извори во Владата и Собранието.

Пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, вели дека владејачката коалиција е за тоа минималната плата да се зголеми на 18.000 денари, но очекува тоа да се случи во првата половина на наредната година. Таа додава дека зголемувањето треба да биде резултат на трипартитен договор, односно да помине низ Економско-социјалниот совет.

-Разговаравме со синдикатот околу недела неработен ден и минималната плата. Ние сме за тоа минималната плата да расте конзистентно, во првата половина на 2022 година да се зголеми на 18.000 денари, а до крајот на мандатот на оваа Влада на 20.000 денари. Но, тоа треба да се потврди низ трипартитниот договор, односно Економско-социјалниот совет. Инаку, немаме апсолутно никакви дилеми околу тоа дека минималната плата треба да се зголеми, изјави Калеска-Ванчева за весникот ВЕЧЕР.

Од друга страна, Сојузот на синдикатите на Македонија не отстапува од своето барање минималната плата да се зголеми од 1 јануари наредната година. ОД ССМ за весникот ВЕЧЕР информираат дека како член на Економско – социјалниот Совет доставиле барање за свикување седница во најкус можен рок.

-Како член на Економско – социјалниот Совет ССМ достави барање за свикување на седница во најкус можен рок на која ќе се дискутира и разгледа иницијатива на ССМ за предлог за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата како посебна точка на дневниот ред, што впрочем е и обврска на Економско социјалниот совет пред предлогот за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата да биде испратен од страна на Владата до Собранието за негово усвојување и примена од 1 јануари 2022 година. Ги охрабруваме и пратениците, предлогот за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата доставен од страна на ССМ, согласно своите надлежности да го поддржат и предложат и тие, вели за весникот ВЕЧЕР,

Слободан Трендафиловски, шеф на кабинетот на претседателот на ССМ.
Овој синдикат бара од Собранието и пратениците веднаш да ја почнат законската процедура и да го прифатат предлогот на работниците, за да може јануарската минимална плата да биде зголемена, а поради нејзиниот раст, да се зголемат и другите плати.

-Претседателот на ССМ, Димовски веќе разговара со сите социјални партнери, со останатите синдикати, работодавачите, пратеници и претставниците на Владата оваа заложба на ССМ и на Владата изнесена и од страна на претседателот на Владата, да стане реалност. ССМ укажува дека во услови кога Синдикалната минимална кошница за октомври 2021 година изнесува 34.893 денари, или само во 2021 година е зголемена за повеќе од 1.300 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата, а со дискусијата ако таа дојде до висина од најмалку 18.000, тогаш отприлика две минимални плати би биле доволни да ја покријат синдикалната минимална кошница, што би значело подобрување на животниот стандард на македонскиот работник на кој очигледно му е потреба плата за живот, вели Трендафилов.

Тој посочува дека на работниците итно им треба зголемување на платите, зашто со јануарската плата ќе треба да платат струја која ќе биде поскапа за најмалку 10 проценти, а цените на основните прехранбени производи ќе бидат замрзнати само до крајот на наредниот месец.
Барањето за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и нејзината висина да изнесува 60 проценти од просечната плата, како и спирално да растат и другите плати доби поддршка и од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Зголемена минимална плата е едно од трите барања на ССМ чие исполнување е услов за да не се повикаат работниците на генерален штрајк. Недела неработен ден е веќе остварено, а за барањето К-15 да добива целата јавна администрација ССМ ќе чека одговор од Владата најдоцна до 20 јануари, за потоа да одлучи дали ќе го организира најавениот штрајк.