Идниот месец најверојатно минималната плата ќе биде околу 20.500 денари во приватниот и јавниот сектор и тие средства се предвидени со Буџетот за 2023 година. Но, за да има еднаквост, треба за 2.000 денари линеарно да се покачат и платите во државната администрација, средства што се предвидени во сите институции.

Ова денеска го истакна првиот човек на Министерството за економија, Крешник Бектеши.

„Имајќи го предвид зголемувањето на минималната плата, очекувам дека покачувањето ќе биде над 2 000 денари линеарно за секоја категорија во државната администрација. Ако некој се спротивстави на зголемување на платите, мислам дека ќе направи голема грешка, а ако треба да се носи законско решение, најверојатно ќе го поддржат сите политички партии. Треба да направиме се што е во наша можност за да ги зголемиме платите, имајќи ги предвид инфлацијата и очекувањата на граѓаните и во таа насока ќе постапиме како Влада“, рече Бектеши.

Во интервјуто на ТВ 24, Потпретседателот на владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи објасни дека критериумот за пораст на минималната плата се следењето на трошоците за живот и порастот на просечната плата, и дека менувањето на Законот за минимална плата минатата година беше направено заедно со синдикатите и организацијата на работодавачи.