Весна Јаневска порача дека вештачката интелигенција веќе не е прашање на иднината, туку реалност со која државата мора активно да се усогласува доколку сака да остане конкурентна и технолошки развиена.
Говорејќи на научната конференција „Креирај дома, продавај глобално“, по повод отворањето на Технолошки парк – Н99, таа нагласи дека вложувањето во нови технологии, иновации и вештачка интелигенција е клучно за побрз развој и модернизација на процесите.
Според Јаневска, земјите што нема да го следат технолошкиот напредок ризикуваат да останат изолирани и надвор од глобалните текови.
Министерката посочи дека ваквите иницијативи создаваат простор за поврзување на науката, иновациите, стопанството и институциите, што, како што рече, е неопходно за развој на современа и конкурентна економија.
Таа изрази благодарност до организаторите и иницијаторите на проектот, истакнувајќи дека државата има потенцијал преку знаење и технологии да постигне значителен напредок и да биде конкурентна на меѓународно ниво.
Јаневска најави и дека Владата работи на изградба на државен научно-технолошки парк, оценувајќи дека конкуренцијата во оваа област може дополнително да го забрза развојот на науката и иновациите во земјава.