Дојде и јуни, министрите зедоа уште една „повисока“ функционерска плата, но на веб стграницата на Владата се уште не може да се види колкави се точно нивните нови примања.

На таа веб страница, токму во делот Отворена Влада, за каква што се претставуваат нашите власти, и натаму стојат старите министерски плати, според кои премиерот Димитар Ковачевски се уште зема 88.260 денари, а првиот вицепремиер Артан Груби, пак, добива 70.478 денари… И така со ред, а највисока е онаа на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, каде го има и додатокот за ризик, и која тежи 86.324 денари.

Ова воопшто не е точно, туку, како што знаеме, министерските плати се зголемија за 78 отсто по одлуката на Уставниот суд, но никој се уште не знае колкав е нивниот износ.

Се останува на добрата волја на некои министри, кои во јавноста одговорија на новинарски прашања колкави се нивните моментални месечни приходи откако го добија зголемувањето, а за кое, како што тврдеа од Владата, не се „виновни“, туку тоа било одлука на Уставниот суд, која тие, мора да ја почитуваат.

Фактор вчера повторно праша во Владата, како и еден месец претходно, кога ќе се ажурираат податоците во делот за министерските плати, а прашавме и зошто и после два месеци, примањата на членовите на Владата се уште не се обновени, и каде се крие проблемот што не може да се објават новите валидни податоци.

Го добивме следниов одговор.

Платата за функционерите, како и за вработените во Владата на Република Северна Македонија ја изготвува Службата за општи и заеднички работи.

Во тек е ажурирање на податоците на именуваните лица на Владата на Република Северна Македонија за висината на платата на функционерите, по што јавноста ќе биде информирана”, се вели во одговорот кој го добивме од Владата.