Во бизнисот, како и во спортот, неопходно е да се има стабилност и со „ладна глава” да се носат мудри потези. Евидентно е дека главниот извршен директор Ѓорѓе Војновиќ своите кошаркарски искуства, правилно ги пренесува во светот на бизнисот. Осигурителниот бизнис е еден од сегментите каде сеуште има огромен простор за развој и иако се сметаше дека ситуацијата со пандемијата негативно ќе се одрази врз работењето на осигурителните друштва и дека ќе бидат евидентирани драстични намалувања на обемот на работа, сепак Триглав успеа адекватно да одговори на сите предизвици и да не се доведе во прашање сигурноста на клиентите. Согласно објавените ревидирани финансиски извештаи, забележан е мал пад на вкупниот бизнис но генералната слика е дека сепак успеале да се одржат во кондиција сите четири четвртини.

Анализирано низ поединечни сегменти од презентираните биланси може да се изведат следните заклучоци:

  1. Од аспект на вкупните приходи забележан е пад од 6.8%, споредено 2020 со 2019 година, или во апсолутна бројка од 17.1 милиони ЕУР. Во однос на поединечните извори на приходи, најголемо учество има бруто полисираната премија за осигурување со вкупен износ од 20 милиони МКД. Износот е поголем од вкупните приходи поради тоа што има промена во методологијата на книжење на расходите и овие приходи се намалени за 1.4 милиони ЕУР, а истото се одразува и кај приходите од бруто полисирана премија предадена во реосигурување кои од износ 5.9 милиони ЕУР се корегирани на 5.2 милиони ЕУР. Овие две ставки се поради негативните ставки по основ на бруто резервата за преносна премија во осигурување и реосигурување.
  2. Забележан е пораст кај приходите од вложувања за 10%, минимален пораст на приходите од провизии од реосигурување за 3% и пораст од 11% кај ставката останати приходи.
  3. Кај расходната страна главната ставка се исплатени штети, кои во 2020 година биле пониски во споредба со 2019 година за 22%, во нето износ. Со тоа и вкупните расходи од дејноста биле пониски во споредба со минатата година. 2020 година е завршена со вкупни расходи од 16.8 милиони ЕУР.
  4. На крај, нето добивката на триглав за 2020 година изнесува 247 илјади ЕУР, со што евидентиран е пад од 6%, во однос на претходната година.

Она што може да се заклучи е дека ситуацијата со Ковид го земала својот данок и во бизнисот со осигурување, но од друга страна менаџментот успеал да изгенерира добивка, помала за само 15 илјади ЕУР, споредбено со 2019.

Од аспект на акционерската структура, во друштвото има 65 поединечни акционери од кои 2 правни лица и 63 физички лица. Од нив доминантно учество имаат домашните акционери со 84.6% од вкупниот број на акционери, но според бројот на акции, а со самото тоа според одлучувачката моќ, доминантни се странските акционери кои зафаќаат пропорција од 81%.

 

Извор: Пари.мк