Почитувани читатели, вакво темелно истражување и труд, кој стигна во нашата редакција, едноставно моравме да го објавиме во целост:

Здраво,

Ви пишувам од името на Првата Национална платформа за делење рекламен материјал www.flaerservis.mk, каде ние како апликанти, за прв пат, аплициравме на повикот: Јавен Повик за финансиска поддршка на социјални претпријатија, објавен во август од страна на Националниот Младински Совет на Македонија, каде под спонзорство на ЕУ требаше да се помогнат социјални претпријатија кои вработуваат млади, невработени, маргинализирани, млади Роми и слично. Повикот и условите од истиот можете да ги погледнете на следниот линк: http://www.nms.org.mk/javen-povik-za-finansiska-poddrshka-na/ 

Имено во повикот се повикуваат следните аспекти:

Очекувани резултати од финансиската поддршка се:

  • Намалување на стапката на невработеност на младите лица;
  • Зголемување на бројот на инклузивни даватели на социјални услуги водени од млади;
  • Зголемена проодност на ранливи категории на млади на пазарот на труд;
  • Зајакнати капацитети на вработените во социјалните претпријатија.

Приоритетни теми на повикот:

Активностите што ќе бидат предложени мора да бидат во согласност со целите и приоритетите на овој проект, со целите на програмата Instrument for Pre-accession Assistance for Rural Development и мисијата на организацијата имплементатор.

Предвидено е да се обезбеди финансиска поддршка за апликации кои ќе се фокусираат на една од следните две области:

  • Област 1: креирање на нови младински социјални претпријатија;
  • Област 2: развој на иновативни технологии и унапредување на услуги/сервиси на постоечки социјални претпријатија кои помагаат за инклузија и вработување на млади Роми, млади без родителска грижа, млади со попречености, млади девојки, млади – излечени зависници од дрога.


Средства:

Вкупната сума за овој повик е 110 000 евра. Минималната сума која може да биде побарана е 5000 евра а максималната сума која може да биде побарана е 11 000 евра.

Во согласност со повикот, најпрво сакаме да ја елаборираме нашата апликација со која аплициравме а тоа е www.flaerservis.mk или Прва Национална платформа за делење рекламен материјал, кој вработува млади, студенти, самохрани родители, невработени и млади Роми целосно онлајн, и обезбедува човечки ресурси за бизнисите во Македонија на целата територија за делење на рекламен материјал, нешто што од секогаш, на еден организиран начин фалело во нашата земја. Значи на обостран бенефит, оваа целосно дигитална онлајн платформа, ги воведува младите во работниот процес преку создавање на работна навика, трудољубивост и одговорност кај младите преку еден иновативен концепт.

За жал, нашата апликација, прва од било каков вид од нашето претпријатие, беше одбиена од страна на НМСМ со следниве аргументи ( оригинално фото од дописот ) :

Го добивме известувањето, малку се разочаравме, знаејќи ја вистинската и реална социјална компонента на нашиот сервис, но си помисливме сигурно има многу други, поквалитетни проекти, со посилна социјална компонента, кои повеќе вработуваат млади луѓе и подобро ги артикулираат нивните потреби. И се откажавме од секакви натамошни активности.
Но, после неколку денови од известувањето, сосема случајно, дознаваме кој се проектите кои биле одобрени, т.е. проекти кои добиле финансирање од овој повик. Затоа, Ве замолуваме да ја погледнете внимателно следната автентична, од нивниот веб сајт, слика каде се преставени добитниците:

Знаеме дека со прв поглед, сте збунети од добитнициве и имате прашалници во главата, каде е овде социјалната компонента за младинско вработување и мобилизација, внес на младите на пазарот на трудот, како што е целта на овој повик, но тоа што го истраживме и заклучивме понатаму, дополнително ќе ве збуни и насмее.
Заради тоа, ние решивме да извршиме мало истражување и резултатите се збунувачки, смешни, неверојатни, но промислени и сите индикатори водат кон една личност: Мариана Ангелова, Генералниот Секретар на организацијата ( види фото погоре ).

Ја истраживме оваа млада госпоѓа и од нејзиниот ЛинкедИн профил можеме да откриеме дека со години студирала Правен факултет во Штип, изгледа е од Штип по потекло и скоро цел работен век досега го поминала по разно-разни НГО, Здруженија, Фондации и останати ентитети со сумливо и екстерно финансирање. Значи, ниту еден ден нема поминато во работен однос во приватниот сектор и реалната бизнис заедница, но тоа не ја спречува да даде квалификација дека бизнисот со делење флаери и промоција на продажба исчезнувал.
Имајќи ги во предвид големите бизнис знаења на дотичната, увидовме дека, во ист правец има големи знаења и искуства во градење на социјални претпријатија, па решивме да ги истражиме и добитниците на грантовите, од нели јавни и достапни извори за секој од нив. Тука резултатите се уште почудни, посомнителни и понелогични. Но да одиме со ред:

Прво што е сомнително е дека се одбрани 10 проекти, најверојатно сите наградени со 11.000 еур колку што е максимумот по повикот, за да нели се исцедат сите пари од повикот, а тоа се 110.000 еур. Значи ништо не е оставено на случајност!

Одиме со добитниците:

Првиот и најлегален, затоа е и прв ставен е проектот „Лице в лице – Зеници, зајакнуваме ранливи, градиме претприемливи“ , проект за продажба на списание од страна на лица со инвалидитет или даунов синдром. Иако овој проект досега е обилно финансиран од следниве спонзори:

Тоа не било пречка за маркетинг и бизнис експертот Ангелова да не им тупни уште 11.000 еур…

Вториот добитник на грант е „Фондација за развој на локална заедница – Штип“ каде работите дополнително се замрсуваат. Имено, на нивната нефункционална веб страна https://frlz.org.mk/en/ можете да видите дека не е обновена со години, туку така во НГО стил функционира за цицање донаторски пари, но од нивната ФБ страна https://www.facebook.com/frlzorg можете да видите дека уствари аплицирале и добиле грант со некаква преработка за текстил, нешто што со години го работеле. Тука ние не ја гледаме компонентата на Повикот за вработување на млади и маргинализирани и за креирање социјални претпријатија. Единствено што гледаме е што маркетинг експертот Ангелова, по најверојатно штипска линија, им тупнала и нив еден грант да се освежат.

Одиме со третиот добитник: Бренд Солушн ДООЕЛ – со проектот Бест Онлајн Асистент Enabled Works. Тука оваа фирма има аплицирано со стар, неуспешен проект за некакво вработување на млади со физички потешкотии, но од овој неуспешен обид , кој може да го погледнете тука : https://bestonlineassistant.com/ , можеме да забележиме дека нема ниту еден активен проект, неколку фриленсери, целосен промашај без никаква комерцијална вредност. Тука мораме да истакнеме дека и овој проект има добивано разна поддршка во минатото од ЕУ, Претседателот на Македонија и разно-разни организации. Но горе-долу, барем номинално се вклопува во концептот.

Четврт добитник е Здружение на граѓани Ековита за проект Mushroom Network. Нема никакви достапни информации освен дека е здружение од Неготино и се занимава со некои печурки. Каде овде има социјална компонента и вработување, не ни е јасно…

Петти добитник е Зип Институт од Скопје, со некакво семејно советувалиште во Сарај, нормално нема никакво инфо онлајн за овој проект. Инаку и овој институт обилно поддржуван од следниве донатори:

Како семејно советувалиште во Сарај, ќе ја зголеми вработливоста на корисниците, останува енигма.

Шестти добитник е Здружение на граѓани ГРИТ од Пробиштип, кои добиле грант за верувале или не: Грит Велнес Ќоше. Значи оваа организација, по некаква си пак (Проби)(Свет)Штипска линија, за некакво велнес ќоше добила грант. Како велнес ќошето ќе го подобри вработувањето на младите, останува да видиме. Зборуваме за лица од најнизок и најзагрозен ранг. За каков велнес тука станува збор, ќе мора експертот Ангелова да ни објасни.

Седми добитник на грант е физичко лице (најверојатно другар или познаник на експертката ) : Дејан Петровски со „Развој на вештини при изучување на занаети со примена на виртуелна реалност“. На насловов и Рашковски би му позавидел, но не знаеме како ова ќе допринесе за зголемување на вработувањето кај младите и во која виртуелна реалност ќе се одвива тоа.

Осми добитник на грант е физичко лице е Бојан Андонов ( погодете од кој град? Штип разбира се ) со проктот „КАМП – Едукација и и целодневен престој за деца“. Од ФБ профилот на добитников, гледаме дека шета деца низ шума и нешто си играат во рамки на некаква КАМП организација. Како ова допринесува за вклучување на младите кон пазарот на труд, повторно, не ни е јасно.

Деветти добитник на грант е физичко лице Ѓорѓина Ристовска со DIA – апликација за лица заболени од дијабетис. Оваа најверојатно другарка или соучесничка со маркетинг и бизнис експертов Ангелова, покрај тоа што тотално е надвор од делокругов на повиков за социјална компонента и младинско вработување, кој знае што матат и спремаат заедно, па има аплицирано со веќе постоечка апликација за дијабетис следење, од хрватска компанија, апликација која веќе е години присутна на пазарот, може да се спушти на Google Play и PlayStore , а можете да ја најдете на следниов линк: https://diahelp.app/hr . За каква плагијаторска и коруптивна зделка овде станува збор, стварно не можеме да одгатнеме, ниту да поврземе што ова има со целите на Повикот. Невидена Енигма.

Десетти добитник на грант е физичко лице Дамјан Даневски ( Повторно погодете од каде ? Од Штип разбира се ) со проект: Инклузивна музичка школа за деца и младинци. И повторно, како и сите претходно, не гледаме каде и како е ова поврзано со социјално претприемништво и вработување на младите.

За на крај, да не се разбереме погрешно, ние немаме ништо против добитниците на грантовите. Но, сакаме да нагласиме дека поради вакви непотистички, коруптивни и сомнителни пракси, вистински проекти, вистински социјални претпријатија кои ги внесуваат младите на пазарот на трудот, невработените, самохраните родители, младите Роми и слично, не можат да дојдат до никаква поддршка од вакви пракси.
Со тоа, ги повикуваме надлежните органи, Европската Унија и сите донори, да ги преиспитаат своите пракси и своите вработени, за да во иднина се поддржуваат реални и прави проекти, бидејќи парите се делат по блиски и соселани.

Да не бидеме погрешно сватени, ние продолжуваме со комерцијален пристап и не ни треба помош. Ние продолжуваме да им помагаме на младите и бизнисите во Македонија, но ќе продолжиме и будно да ги следиме злоупотребите на парите на европските даночни обврзници.

Тимот на ФлаерСервис