Македонија применува повеќе добри пракси за фискална транспарентност, нотира Извештајот на евалуацијата на фискалната транспарентност на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која беше спроведена во мај годинава на барање на Македонија. Евалуацијата ги оценува праксите на земјата наспроти Кодот за фискална транспарентност на ММФ, којшто е меѓународен стандард за објава на информации за јавните финансии.

Според Извештајот, Македонија на добро или високо ниво исполнува 13 од 36 принципи, а на основно ниво исполнува дополнителни 12 принципи. Извештајот нотира неколку клучни позитивни аспекти на фискалната транспарентност во Македонија. Како што се наведува во евалуацијата, фискалните извештаи покриваат најголем дел на активностите на општата влада и се објавуваат често и навремено. Буџетот ги содржи среднорочните макроекономски и фискални проекции и се подготвува во согласност со јасна законска регулатива.

Истовремено, Извештајот нотира и неколку полиња каде фискалната транспарентност може понатаму да се зајакне, како што е проширувањето на институционалната покриеност на фискалните и статистички извештаи.