Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) развива нов метод за проценка на одржливоста на долгот на земјите со пристап до финансиските пазари за попрецизно предвидување на ризиците од финансиски кризи и подобрување на транспарентноста.

Ажурираниот метод за проценка на долгот се очекува да биде подготвен за имплементација во четвртиот квартал од 2021 година или првиот квартал од 2022 година, соопштија претставници на ММФ.

Меѓународниот кредитор последен пат го ажурираше во 2013 година, кога европската должничка криза беше во полн ек.

Проценката на одржливоста на долгот на една земја отсекогаш била „помалку наука и повеќе уметност“, а новиот систем треба да ја зајакне улогата на науката, изјави на онлајн брифинг за новинари Џеромин Зетелмајер, заменик директор на одделот за стратегија, политика и ревизија на ММФ.

Тој додаде дека ММФ го ревидирал моделирањето на факторите поврзани со долгот за да развие „поточна рамка што ќе овозможи предупредување на кризи и неодржливи и одржливи долгови, односно нивно предвидување“.

Проценките се важни затоа што помагаат да се утврди колку една земја може да позајми, почитувајќи ги строгите услови за одржливост на долгот на ММФ.