Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во вторникот повторно ги намали прогнозите за раст на светската економија, предупредувајќи на ризиците од висока инфлација и војната во Украина што може да ја турне светската економија на работ на рецесија.

Растот на глобалната економија во 2022 година ќе забави на 3,2 отсто, објави ММФ, намалувајќи ја прогнозата од април, според која беше проектиран на 3,6 отсто, според ажурираните прогнози, кои ги вклучуваат само големите економии и големите групи на економии.

„Изгледите значително се влошија од април“

Тие додаваат дека светскиот БДП всушност се намалил во вториот квартал поради падот во Кина и Русија.

Фондот, исто така, ја намали прогнозата за раст за 2023 година, на 2,9 отсто, во споредба со априлската проценка за раст од 3,6 отсто, наведувајќи го како причина влијанието на построгата монетарна политика.

„Изгледите значително се влошија од април. Светот наскоро би можел да биде на работ на глобална рецесија, само две години по последната“, изјави главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуриншас.

Исклучително неизвесни прогнози

Фондот објави дека најновите ажурирани прогнози се „исклучително неизвесни“ и се предмет на негативни ризици од руската војна во Украина, што предизвикува зголемување на цените на енергијата и храната.

Според „веродостојното“ алтернативно сценарио, кое вклучува целосно прекинување на испораките на руски гас во Европа до крајот на годината и дополнителен пад на извозот на руска нафта за 30 отсто, ММФ предвидува дека глобалниот раст потоа ќе забави на 2,6 отсто во 2022 година и до 2 отсто во 2023 година, со речиси стагнација во Европа и САД следната година.

Уште поголема инфлација

Глобалниот раст падна под два отсто само пет пати од 1970 година, објави ММФ, вклучително и првата година од пандемијата „Ковид-19“ во 2020 година. ММФ сега очекува стапката на инфлација во развиените економии да достигне 6,6 отсто во 2022 година, додека во предвиденото во април таа ќе изнесува 5,7 проценти, додавајќи дека ќе остане покачена подолго од претходно очекуваното.

Понатаму, тие сега очекуваат инфлацијата на пазарите во развој и земјите во развој да достигне 9,5 отсто оваа година, наспроти проектираните 8,7 отсто во априлските проценки.

„Инфлацијата на сегашните нивоа претставува јасен ризик за сегашната и идната макроекономска стабилност, а нејзиното враќање на нивоата поставени од централните банки треба да биде главен приоритет на креаторите на политиките“, рече Гуринчас.

Пониски стапки на раст на водечките економии

За Соединетите држави, најголемата економија, ММФ ја потврди својата прогноза од 12 јули дека очекува раст од 2,3 отсто во 2022 година и анемични 1,0 отсто во 2023 година, што претходно го намали двапати од април поради забавувањето на побарувачката.

ММФ значително ја намали својата претходна проценка за растот на Кина во 2022 година – на 3,3 отсто, од 4,4 отсто проектирани во април, наведувајќи го избувнувањето на Ковид-19 и широко распространетите „локдауни“ во големите градови кои го ограничија производството и ги влошија нарушувањата во глобалниот синџир на снабдување.

ММФ оцени и дека влошената криза во кинескиот сектор за недвижности влијае на продажбата и инвестициите во недвижности. Тие велат дека дополнителната фискална поддршка од Пекинг може да ги подобри изгледите за раст, но дека континуираното забавување во Кина, поттикнато од ширењето на вирусот во поголем обем и заклучувањата, ќе резултира со силно прелевање.

Земји со поголема изложеност на војната

ММФ ги намали проценките за растот на еврозоната во 2022 година на 2,6 отсто, од 2,8 отсто во април, како одраз на инфлациските прелевања од војната во Украина.

Сепак, прогнозите беа значително намалени за некои земји со поголема изложеност на војна, вклучително и Германија, каде што проценките за раст за 2022 година беа намалени на 1,2 отсто, од 2,1 отсто во априлската прогноза.

За руската економија, ММФ предвидува пад од шест отсто во 2022 година поради заострувањето на западните финансиски и енергетски санкции и дека тој ќе се намали за дополнителни 3,5 отсто во 2023 година, според ажурираните прогнози. Тие проценуваат и дека украинската економија ќе се намали за околу 45 отсто поради војната, но таквите проценки се многу неизвесни.