ММФ: Постепено се напушта доларот како резервна валута

2023-05-04 21:00

Директорката на меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева изјави дека доларот постепено го губи статусот на главна светска резервна валута, но и дека не гледа алтернатива за американската валута во скоро време.

„Дојде до постепено напуштање на доларот, од 70 на 60 отсто од резервите“, кажа Георгиева на глобалната конференција на Милкен институтот во Калифорнија.

Според неа, еврото може да се гледа како најголем конкурент на доларот, додека британската фунта, јапонскиот јен и кинескиот јуан „играат многу скромна улога“. Додаде дека не гледа алтернатива ни во светот на дигиталните валути.

Таа истакна дека водечки фактор за довербата во валута на одредена држава е силата на нејзината економија и длабочината на пазарот на капитал.

Георгиева ги истакна случувањата кои предизвикаа шок на финансискиот пазар во минатите години, конфликтот на Русија и Украина и скокот на каматните стапки по годините лабава монетарна политика, нарекувајќи ги „низа незамисливи настани“.

Објасни дека брзото преминување од ниски на високи каматни стапки ги разоткрило ранливостите на финансискиот сектор на Соединетите Американски Држави, а дека големата изложеност на банкарскиот сектор на кризата била изненадување за аналитичарите на ММФ.