Што се однесува до нашата држава, во девизните резерви што ги чува и со кои ракува Народната банка, доминантно учество има еврото. Исто така, САД не е меѓу најголемите трговски партнери на државата. Според последниот извештај на Државниот завод за статистика, во периодот јануари-ноември 2021 година, најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина, а САД е на 14-то место.
Високата инфлација во САД не е само американска работа. Одговорот на централната банка за нејзино скротување би можел да ги погоди финансиските пазари и да ги доведе ранливите земји во ризик, предупредува Меѓународниот монетарен фонд.
Со мерките што се очекува оваа година да ги преземат Федералните резерви може да дојде до зајакнување на доларот, со што ќе се зголеми долгот на земјите во таа валута, а намалената побарувачка би можела да доведе до отежнување на извозот во САД.
ММФ анализира дека одговорот на високата инфлација би можел да биде многу посилен од вообичаено, па ги предупреди земјите во развој да се подготват на силна реакција на американската централна банка.
– Во поголемиот дел од минатата година инвеститорите во цената го вклучуваа и привремениот раст на инфлацијата во САД, со оглед на нестабилното опоравување и бавното решавање на проблемите на тесни грла во снабдувањето, наведуваат од ММФ. Сега, оценуваат аналитичарите на Фондот, кога цените растат со најголемо темпо во последните четири децении, а пазарот на труд соочен со недостаток на работна сила почна да се храни со пораст на платите, омикрон варијантата предизвикува дополнителна загриженост за инфлаторен притисок поради проблемите со синџирите на снабдување.
-Со инфлација од над шест проценти, која е највисока во последните четири децении, финансиските пазари веруваат дека Федералните резерви ќе ја подигнат каматата четири пати годинава и дека ќе продаваат обврзници во постапка позната како квантитативно затегнување, наведува ММФ.
Се оценува дека ваквото поскапо задолжување во САД ќе доведе до јакнење на доларот, што на земјата во развој ќе им го поскапи сервисирањето на доларскиот долг, а побавниот раст во САД поради повисоките камати негативно ќе влијае на извозот во таа земја.
Што се однесува до нашата држава, во девизните резерви што ги чува и со кои ракува Народната банка, доминантно учество има еврото. Тоа е во согласност со примената на монетарната стратегија на таргетирање на номиналниот девизен курс. Но, како резултат на валутната структура на кредитните обврски на државата кон странство, како и потребата за одржување тековна ликвидност при плаќањата кон странство, покрај еврото, во валутната структура на девизните резерви се застапени и САД-доларот и неколку останати валути како австралискиот и канадскиот долар, швајцарскиот франк, данската, норвешката и шведската круна, британската фунта, јапонскиот јен и специјалните права на влечење.
Исто така, САД не е меѓу најголемите трговски партнери на државата. Според последниот извештај на Државниот завод за статистика, во периодот јануари-ноември 2021 година, најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина, а САД е на 14-то место. Вкупната размена со САД изнесува околу 270 милиони долари и е речиси еднаква како во истиот период во 2020 година. Притоа, извозот во тој период е околу 69 милиони долари, а увозот близу 202 милиона долари. За споредба, вкупната размена со нашиот најголем трговски партнер, Германија, изнесува близу 4,6 милијарди долари.