МНР во офанзива за привлекување на инвестиции, промоција на државата и развивање на трговијата и извозот. Се воведува нова категорија – еконмски советници кои ќе работат исклучиво на подобрување на трговијата, извозот и промоција на државата за привлекување на туристи и тие ќе бидат новиот персонал во дипломатските претставништва на Македонија. Советниците ќе се бираат од постоечкиот кадар во МНР, но и од јавната администрација и приватниот сектор односно истакнати економисти и бизнисмени. Изборот ќе го врши меѓуресорска група а кандидатите ќе мора да минат обука пред да бидат испратени во странство.

Министерот Османи соопшти дека сега следува период на анализи на извозните потенцијали, расположливата работна сила, капацитетите, земјиштето и останатите ресурси за странски инвестиции но и дефинирање на содржинските и географските цели на економската дипломатија за да може за секоја држава и регион да се има посебен пристап базиран на собраните информации.

Според предвиденото, првите економски советници ќе бидат испратени наредната година во рамките на пилот проект за кој ќе бидат избрани неколку држави во Европа и светот со јасно дефинирани задачи и цели.

Премиерот Зоран Заев верува во успехот на економските советници и отварање на нови пазари за пласман на македонските фирми.

Проектот со економските советници има многу допирни точки со проектот на  економски промотори кој го спроведе претходната владеачка гарнитура но без некој позначителен успех.