Германскиот Бундестаг денеска усвои пакет владини мерки за помош на економијата при штети предизвикани од пандемијата од коронавирус од 750 милијарди евра.

Пакетот мерки за помош го изгласаа претставниците на сите парламентарни партии, со исклучок на пратениците на Алтернатива за Германија (АфД), чии членови гласаа воздржано.

Пратениците исто така , со т.н. канцеларско  мнозинство гласаа и за привремено укинување на т.н. задолжувачки сопирачки загарантирани со Уставот по глобалната финансиска криза во 2008 година

Игнорирање на блокадата на ново задолжување е можно во случај на природни непогоди или вонредни состојби. Канцеларското мнозинство се однесува на мнозинството од сите, не само на присутните пратеници од Бундестагот.

Ова овозможува ревидиран буџет за тековната година и нов долг од 156 милијарди евра.

Покрај тоа, германската влада понуди уште 600 милијарди евра на располагање во форма на гарантни кредити и средства за евентуална национализација на компании кои претрпеле финансиски тешкотии поради пандемијата на коронавирус.

Мерките, покрај обезбедувањето помош на компаниите во форма на гаранции за кредитирање, обезбедуваат и директна финансиска помош на малите претпријатија и на поединци, како и дополнителна финансиска поддршка за здравството.

Пакетот вклучува и заштита на станарите кои не се во состојба да платат кирија заради финансиски проблеми предизвикани од пандемијата на коронавирус.

Пратениците гласаа и за мерка со која што нема да се дозволи да се исплаќаат бонусите на крајот на годината на менаџерите на компании што користат средства од пакетот за криза.

„Ние се бориме да ги зачуваме работните места овде во Германија. Значи, станува збор за нормални вработени, а не за шефови на компании“, рече портпаролот на германската социјалдемократска партија за прашањата поврзани со буџетот.

Во итна парламентарна постапка, пакетот треба во петок да го одобри и домот на сојузните држави Бундесрат.