Грантам ја опишува моменталната состојба на пазарот во САД како „супер балон“ – еден од четирите најголеми во последните сто години
Познатиот инвеститор Џереми Грантам (83) во својата објава најави сигурен колапс на американскиот пазар на капитал. Грантам предвидува пад на цените на акциите за 50 отсто, дури и во случај на интервенција на Федералните резерви.
Џереми Грантам е ко-основач на инвестициската компанија Gratham, Mayo & van Otterlo, која управува со имот во вредност од 118 милијарди долари, а е познат по тоа што во неколку наврати најавува пукање на различни меури на средства. Во доцните 1980-ти, тој препозна знаци на „пренадуеност“ на јапонските пазари на недвижности и на акции, во 1990-тите тој успешно избегнуваше да инвестира во технолошки акции пред да пукне меурот од dot-com, а во својата писмена оценка детално ги објасни причините за кредитната криза 2007 – 2008 година. Во основа, неговата инвестициска стратегија се сведува на препознавање на високите цени на одредени видови средства и нивно избегнување, пишува Јутарњи.хр.
Грантам ја опишува моменталната состојба на пазарот во САД како „супер балон“ – еден од четирите најголеми во последните сто години. Тој верува дека пукањето на овој балон ќе биде исто толку драматично како она во 1929 година, пукањето на dot-com во 2000 година и финансиската криза во 2008 година. Очекува берзанските индекси да се вратат на нивната статистичка „нормала“, или можеби дури и на пониски нивоа.
Грантам сега предвиде пад на најважниот индекс – S&P 500 – од близу 50 проценти. Треба да се напомене дека некои индекси, како што е технолошкиот Nasdaq, веќе паднаа за повеќе од 8 проценти овој месец, а трендот се чини дека продолжува.
„Не бев сигурен за овој балон пред една година како што бев сигурен за технолошкиот балон во 2000 година, како што бев сигурен за Јапонија или балонот од 2007 година. Денеска чувствувам дека е блиску до сигурно“, рече Грантам.
Според неговата анализа, има многу докази за пренадуван балон на акции. Првите јасни знаци беа видливи во февруари 2021 година, кога разни високо шпекулативни акции и средства почнаа да паѓаат. Оттогаш, на пример, шпекулативниот фонд на Кети Вуд – Ark Innovation ETF – падна за 52 проценти. Покрај тоа, Грантам на пазарот препознава знаци на лудо однесување на инвеститорите кои избезумено купуваат т.н. меме акции, а во целата атмосфера се вклопува и дивеењето на цените и екстремната нестабилност на пазарот на крипто валути.
„Списокот на сè што го прави супер балонот е во завршна фаза на составување и неговото нагло издишување може да започне во секој момент. Кога песимизмот ќе се врати на пазарите, ќе се соочиме со потенцијално најголемиот колапс во перцепираното богатство во американската историја“, рече Грантам. Вкупните загуби ги процени на 35 илјади милијарди долари.
Инаку, овој познат инвеститор гледа супер меури и на пазарот на обврзници, но и на пазарот на производи. Состојбата на пазарот на недвижности ја оценува како најголем и најекстремен балон во глобални рамки.
Една од причините зошто верува во „пукање“ на пазарот на акции е поради тоа што централната банка, во услови на релативно висока инфлација, нема да се осмели да ја поттикне економијата со намалување на каматните стапки или со купување обврзници.
„Сè има свои последици и овој пат последиците може, но не мора да вклучуваат неподнослива инфлација. Но, тие дефинитивно го вклучуваат најопасниот вид на преценување на имотот во финансиската историја“, заклучи Грантам.