Високите концентрации на суспендирани честички со големина до 10 и 2.5 микрометри (ПМ10 и ПМ2,5) што ги покажува мониторинг станицата „Велес 2“, поставена во дворот на детската градинка „Димче Мирчев“ во велешката населба Тунел, не даваат релевантна слика за квалитетот на воздухот во Општина Велес, бидејќи во непосредна близина на станицата се врши реконструкција на дел од улицата „Благој Ѓорев“, што е директен извор на загадувањето, информира денеска Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Поради тоа и поради заштита на инструментите од прекумерните концентрации на прашина, истите ќе бидат исклучени до завршувањето на градежните работи, се посочува во соопштението.

МЖСПП ги известува граѓаните на Општина Велес, кои живеат и се движат во непосредна близина на локацијата каде што се одвиваат градежни активности дека до завршувањето на градежните работи можна е појава на повисоки концентрации и да преземат мерки на лична заштита.

– Се препорачува на Општина Велес да преземе акција за побрзо да се заврши реконструкцијата на улицата, а во меѓувреме да го задолжи изведувачот почесто да ја прска улицата со цел истата да биде постојано во влажна состојба, се додава во соопштението на МЖСПП.