180 нови вработувања со просечна плата од илјада евра – започна изградбата на втората фабрика на германскиот гигант „Гересхајмер“. Со висока технологија ќе се изработуваат специјализирани производи од медицинско стакло, шприцеви за вакцини и фармацевтски продукти. Станува збор за инвестиција тешка 126 милиони евра, што претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на ТИРЗ.

„Најголем дел од позициите се висококвалификувани и затоа зборуваме за просечна плата од илјада евра. Затоа што зборуваме за луѓе коишто ќе оперираат со високософистицирани машини. Гересхајмер за тоа се залага и затоа се нашите фабрики“ – Оливер Бургел, потпретседател на „Гересхајмер“.

Првиот човек на ТИРЗ рече дека иако Македонија е мала држава, сепак имаме сериозен придонес во глобалните предизвици. Потенцира дека двете фази на компанијата вредат над 200 милиони евра.

„Ова е најголамата инвестиција во историјата на ТИРЗ и најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на Македонија. Уверен сум дека до крајот на годината или почетокот на следната ќе зборуваме за двојно поголема инвестиција која ќе се случи во наредните години. Ова не е „ќе“, ова се случува реално.“ – Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.

Заменик амбасадорот на Германија, пак, се осврна на значењето на инвестицијата во билатералните односи меѓу Македонија и Германија.

„Германците и Македонците не се само блиски географски, туку сме блиски и по размислување. Кај двете држави производството секогаш било важен дел од животот и затоа мислам дека е многу природно германска компанија да дојде во С. Македонија.“ – Ото Граф, заменик амбасадор на Германија.

Лани странските инвестиции достигнаа 430 милиони евра, а компаниите од ТИРЗ остварија извоз од скоро 4 милијарди евра. Во нив работат вклупно 16.400 лица.